Ретка видеоснимка на која се гледа бродот „Титаник“ на дното на Атлантикот беше објавена неодамна, децении по откривањето на потонатиот брод и повеќе од еден век откако бродот удрил во санта мраз и потонал.
Снимката од океанографската институција „Вудс хол“ е направена на околу 3 километри под површината на океанот, само неколку месеци откако истражувачите го пронајдоа потонатиот брод во 1985 година. Повеќето од снимките претходно не беа достапни за јавноста.
Од откривањето на бродот, неколку документарни филмови за „Титаник“ покажаа снимки од остатоците длабоко во Атлантскиот Океан. Биле емитувани неколку кратки видеа од оригиналните нуркања, но подолгото 80-минутно видео од необработените снимки беше објавено неодамна на „Јутјуб“.
„Титаник“, за кој се верувало дека е речиси неуништлив кога бил изграден, бил најголемиот океански брод во тоа време. На 14 април 1912 година бродот удрил во санта мраз во Атлантскиот Океан при неговото прво патување од Саутемптон, Англија, до Њујорк. Повеќе од 1.500 луѓе загинале, што го шокирало светот и предизвикало бес поради недостигот на чамци за спасување на бродот.
Тимот на „Вудс хол“ и Францускиот национален институт за океанографија го пронашле потонатиот брод скршен на два дела југоисточно од Њуфаундленд, Канада, на 1 септември 1985 година. За време на 11 нуркања во јули 1986 година потонатиот брод бил снимен од камери на подводна екипа и мало летало со далечинско управување кое маневрирало низ тесни простори.
- Човечките приказни што се случиле во бродот и понатаму одекнуваат. Со објавувањето на оваа снимка, „Вудс хол“ помага да се раскаже важен дел од приказната што опфаќа генерации и патува низ светот - изјави Џејмс Камерон.
Фото:
Wikipedia