X
 08.07.2023 Живот

Што се случило со сантата мраз што ја предизвика несреќата на „Титаник“?

Во моментов постојат само две фотографии од сантата мраз, што не е изненадувачки, бидејќи тоа утро на 15 април 1912 година ретко кој сакал да го фотографира овој дел од Атлантскиот Океан. Затоа е речиси невозможно да се најде доказ дека навистина оваа санта мраз е виновникот за една од најголемите поморски трагедии, иако на неа имало траги што укажувале дека се судрила со брод.

Автор на една од овие две фотографии е член на екипажот на германскиот брод „Принц Алберт“, кој испловил само неколку километри од местото каде што потонал „Титаник“, неколку часа претходно. Овој член на екипажот забележал црвена боја на сантата мраз, што го навело да претпостави дека се судрила со брод во последните 12 часа.

Автор на втората фотографија е Де Картер, капетанот на бродот „Минија“, кој бил испратен на местото на несреќата да бара траги од остатоците и телата на починатите. Тој тврдел дека сантата мраз што ја фотографирал била единствената во близина во тоа време, па сигурно таа била виновникот за несреќата.

Според некои извори, сантата мраз која го потонала познатиот брод била формирана пред 3.000 години. Иако можеме само да нагаѓаме што навистина се случило, се верува дека сè започнало со снег што паднал на западниот брег на Гренланд околу 1.000 година пр.н.е. Како резултат на топењето и замрзнувањето, зрнестата структура подоцна замрзнала, особено со новите слоеви на снег што паѓал врз неа во децениите што следувале.

мраз
Фото: Wikipedia

Три илјади години подоцна, сантата мраз го започнала своето бавно и долго патување низ северниот дел на Атлантскиот Океан, од брегот на Гренланд преку заливот Бафин, Дејвисовиот Проток и Лабрадорското Море до Атлантикот, а во 1912 година го сретнала „непотонливиот брод“ на компанијата „Вајт стар лајн“.

По таа кобна вечер ништо не било исто.

Кога сантата мраз се судрила со „Титаник“, таа си го продолжила своето патување појужно. Интересно е што таа е една од ретките што не се топат кога ќе стигнат толку далеку на југ. Според експертите, само еден процент од ледените брегови што се отцепуваат од глечерите на Гренланд стигнуваат до Атлантскиот Океан.

Температурата на овој дел од океанот вечерта кога потонал „Титаник“ била околу -2 Целзиусови степени, што е една од причините што луѓето за брзо време ги загубиле животите при контактот со водата.

Ледените брегови кои се откинуваат од глечерите и успеваат да стигнат до северниот дел на Атлантикот обично „живеат“ уште две или три години. Тоа значи дека сантата мраз на „Титаник“ најверојатно опстанала до крајот на 1912 или 1913 година.

Извор: National Geographic 
Фото: Wikimedia Commons
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот