X
 18.03.2020 Култура

Се продава минијатурна верзија од „Хари Потер“ рачно напишана од Џ. К. Роулинг

Многу малечка книга за Хари Потер напишана лично од страна на Џ. К. Роулинг заврши на аукција и од она што е познато, не е предмет создаден преку магијата за намалување. Книгата има димензии 4 х 6 сантиметри и содржи 31 страница, исполнети со белешки и нацрти за делот од приказната кога Хари е примен во училиштето за магии „Хогвартс“.

На една страница, на пример, има напишано дека учениците смеат да донесат був ИЛИ мачка ИЛИ жаба. До реченицата има илустрација од празен кафез за птици.


Фото: Invaluable

Книгата, исто така, содржи листа со школски прибор што им е неопходен на учениците во „Хогвартс“, некои изреки од книгата „Хари Потер и каменот на мудроста“, како и нацрти на Роулинг од магични стапчиња, казани, капи на вештерки и многу други магични работи.

Роулинг ја има создадено оваа книга за хуманитарен настан во ноември 2004 година, кога на аукција се продавала за 12.000 долари.


Фото: Invaluable

Средствата собрани од аукцијата ѝ биле донирани на организација за бездомници во јужниот дел на Лондон. Тогаш обожавателите беа во исчекување на последните две книги од серијата („Хари Потер и полукрвниот принц“ и „Хари Потер и реликвиите на смртта“) и третиот филм („Хари Потер и затвореникот од Азкабан“).

Сега, по 16 години, делото на Роулинг се очекува да биде продадено за повеќе од 180.000 долари.

Автор: Елен Гутоски
Извор: Меntalfloss.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура