X
 18.03.2021 Наука

Молња создала искра што можеби го предизвикала животот на Земјата

Прашањето како почнал животот на Земјата нè мачи веќе долго време, а ново истражување посочува дека грмотевиците - пред повеќе милијарди години - можеби играат клучна улога во поттикнувањето живот на нашата планета.

Една од клучните состојки потребни за живот е фосфорот - а ударите од гром што се случиле кога Земјата била млада, пред 4 милијарди години, можеби го отклучиле потребното количество фосфор за да се создаде основа за живот. Фосфорот е потребен во молекулите кои формирале основни клеточни структури и клеточни мембрани, вели Бенџамин Хес, автор на истражувањето и дипломиран студент на Универзитетот „Јеил“, на Одделот за планетарни и земјени науки.

Но, овој елемент бил недостижен на почетоците на Земјата, заробен во минерали.

- Поголемиот дел од фосфорот на раната Земја бил заробен во минерали кои во суштина биле нерастворливи и нереактивни, што значи дека не можеле да се користат за производство на биомолекули потребни за живот. Ударите од гром обезбедуваат нов механизам за создавање фосфор во форма што може да направи важни соединенија за живот - вели Хес.

Долго време се сметало дека метеоритите ги доставиле потребните елементи за појавување на живот на Земјата. Познато е дека метеоритите содржат шрејберзит, минерал од фосфор кој може да се раствори во вода. Доколку доволно од нив паднат на Земјата, тој шрејберзит би можел да обезбеди доволна количина на фосфор.

Но, животот на Земјата почнал пред 3,5 до 4,5 милијарди години, а тогаш помалку метеори паѓале на Земјата.

Шрајберзитот има друг извор наречен филгурит, познат како стакло што се формира кога гром удира во земјата. Откриено е дека филгуритот содржи фосфор ослободен од површинските карпи и тој е растворлив.

- Молњата е механизам што не морало нужно да се намалува со текот на времето, како што тоа го прават метеоритите. Овој механизам може да биде многу важен за разгледување на формирањето живот на планети слични на Земјата - вели Хес.

molnja
Фото: Freepik

Исто така, громот бил предмет на интерес на научниците кога размислувале за животот на раната Земја, бидејќи доведува до создавање азотни оксиди, кои учествувале во потеклото на животот. Хес и неговите колеги го искористиле постојното истражување за да ја испитаат и рафинираат брзината на молњата на раната Земја.

Денес, на Земјата паѓаат околу 560 милиони молњи годишно, но во тој период бројот се движел помеѓу 1 до 5 милијарди годишно.

Молњата била поприсутна на раната Земја бидејќи во атмосферата имало повеќе јаглероден диоксид. Јаглеродниот диоксид придонесува за глобалната температура, а повисоката глобална температура предизвикува почести и поинтензивни грмотевици, вели Хес.

Нивото на јаглероден диоксид било покачено на раната Земја откако предмет со големина на Марс удрил во Земјата за да ја создаде Месечината пред 4,5 милијарди години. Ова, исто така, ослободило многу гасови од внатрешноста на Земјата, како јаглероден диоксид - кој потоа се заглавил во атмосферата на Земјата и довел до повеќе молњи, рече Хес.

Разбирањето на улогата на ударите на гром како начин за создавање употреблив фосфор има импликации во потрагата по живот надвор од Земјата.

- Нашите откритија најверојатно се применуваат на секоја планета што има атмосфера што создава молња. Сè додека планетата има значителна количина на молњи, таа ќе има извор на фосфор потребен за појава на живот - вели Хес.

Извор: Еdition.cnn.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука