Меѓународната програма дава повеќе од 70 опции за предмети кои еден ученик може да ги посетува во тие две години. За разлика од големиот број предмети што се изучуваат во Македонија, ние сме фокусирани само на 6 (природни науки, општествени науки, прв јазик, втор јазик, математика, уметност). Јас изучувам економија, глобална политика, ЕСС, математика, македонски и англиски.
Ивана Петковска (18) го почнала средно образование во скопската гимназија „Орце Николов“, но потоа своеволно и без да каже никому аплицирала за стипендија преку Соединетите светски колеџи и била прифатена. Таа вели дека има авантуристички дух, па затоа си задала нов предизвик со своето преселување и комплетното адаптирање на новата средина во Мастрихт, Холандија.
Задачата да се соочи со непознатото била прилично голема за Ивана поради тоа што требало да се навикне на непознат терен, да се соочи со нови луѓе и карактери, притоа да се приспособи на настава на англиски јазик, меѓутоа, во ниеден момент не се поколебала за својата одлука за дошколување во Холандија.
- Животот кој ме чекаше беше сосема поразличен од оној на кој сум навикната. Првпат ќе живеев сама, во друга држава, настава на англиски, живот во интернат со луѓе од целиот свет, доста потешка академска програма... Но со сигурност можам да кажам дека мојата одлука да дојдам овде е една од најдобрите одлуки што ги имам донесено во животот. Во кампусот, кој се наоѓа веднаш до школото, живеат околу 250 ученици од целиот свет, буквално од целиот свет. Собите се за 4-5 ученици, што значи дека на кат живееме околу 30 луѓе. Моите цимерки се од Западна Сахара, Есватини и Тибет. Начинот на кој функционира нашиот кампус и училиштето речиси нѐ принудува да се дружиме. Нема дете кое нема друштво или, пак, не е прифатено од заедницата. Во однос на трошоците, кога ученик добива стипендија во едно од UWC-училиштата, тоа значи дека речиси сите трошоци се покриени од страна на школото и останува само да си ги намири излегувањата и работи од типот облека, патувања. Добиваме попусти во одредени институции со кои соработува колеџот, како и за јавниот транспорт - сподели Ивана.
Ивана брзо успеала да се вклопи во средината благодарение на професорите и нивниот пристап кон учениците.
- Сите околности ми беа нови, бев опкружена со луѓе на кои не можев ни да им го изговорам името, зборувавме на јазик кој не ми е мајчин, сите беа исплашени и повлечени. Но, училиштето имаше добар план - преку голем број игри направија да заборавиме дека само што дојдовме во сосема нова држава и дека сме сами. Професорите беа многу дружељубиви и се поставија кон нас како другари, а не како авторитети од кои треба да се плашиме. Сите игри ни помогнаа да дознаеме повеќе работи едни за други, како и за целата програма и правилата во институцијата. Дури и игравме фудбал - ученици против професори - вели таа.
Финалниот дел од образовната програма по која се води колеџот е добивање меѓународна диплома. Со самото тоа учениците имаат поголеми обврски во однос на учењето, но и големи предности - сами да ги одберат своите предмети.
- Програмата за добивање меѓународна диплома се смета за една од најтешките програми за средно училиште и функционира многу поразлично од програмата што се изучува во средните училишта во Македонија. Сега изучувам само 6 предмети кои сама ги одбрав, но тие се изучуваат на повисоко ниво и подетално. Во оваа програма нема усни испрашувања, оценките во текот на двете години не играат улога во крајните оценки, бидејќи дипломата и бодовите што ги добиваме се засновани само на последните испити на целиот материјал од овие две години. Оценките се движат од 1 до 7, а зависно од тоа дали предметот е на стандардно ниво или високо, може да се положи со оценка 3 или 4. Предавањата се од интерактивен тип и освен учењето, оваа програма бара од нас и други задолжителни компоненти, како волонтирање, креативна активност и физичка активност. Јас учествувам во африкански танци, одбојка, кафе најт, спирит тим, дел сум од тимот на деца-психолози кои им помагаат на своите соученици, ги работам шминката и костимографијата на школските мјузикли, ја организирав матурата на постарата генерација, дел сум од дебатниот и од економскиот клуб... - раскажува Ивана.
Запознавањето со холандскиот менталитет, култура, традиции ѝ овозможиле на Ивана да се надгради себеси како личност и да го обнови своето портфолио на искуства. Таа живее во Мастрихт, кој се наоѓа во јужниот дел на државата и граничи со Германија и Белгија. Образовниот систем и програмата се многу различни во споредба со Македонија. Разликите се особено уочливи во односот меѓу професорите и учениците, потоа изборот на предмети, слободата на учениците за усовршување во своите интереси и слично, раскажува Петковска.
- Ќе почнам со слободата при изборот на предметите што ќе ги учиш овие 2 години. Меѓународната програма дава повеќе од 70 опции за предмети кои еден ученик може да ги посетува во тие две години. За разлика од големиот број предмети што се изучуваат во Македонија, ние сме фокусирани на само на 6 (природни науки, општествени науки, прв јазик, втор јазик, математика, уметност). Јас изучувам економија, глобална политика, ЕСС, математика, македонски и англиски. Односот меѓу професорите и учениците е како меѓу две возрасни личности кои се ставени на исто место за двете страни да растат и да учат нови работи. Во Македонија јас имав страв од претпоставените, не се осмелував да поставувам прашања, а уште помалку да зборувам на нормални теми од мојот приватен живот со нив. А овде целиот систем е со фокус на тебе со потенцијал да пораснеш во одговорна, креативна, вредна личност. Македонскиот едукативен систем не му остава простор на ученикот креативно да се развива и да учи за животот преку пракса, организации и тимови надвор од училницата. Во Холандија имав можност да организирам 3 настани по повод матурата на генерацијата постара од мене. Настаните беа наменети за фамилијата, пријателите и спонзорите на сите ученици во моето училиште, а зборуваме за настан од над 3.000 луѓе.
Од голема корист за учениците на Соединетите светски колеџи е тоа што тие добиваат професионално советување за своето академско образование.
- Постои тим од 5 члена со кои се консултираме за нашето понатамошно образование и уписите на факултет. Накратко кажано, тие луѓе преку состаноци кои сами ги закажуваме пробуваат подобро да нѐ запознаат како личност, да го запознаат нашето потекло, финансиската состојба и амбицијата, со цел понатаму да нѐ советуваат и да ни помогнат при изборот на универзитет. Освен овие луѓе, имаме помош и од платформа наречена „Cialfo“ која ги има сумирано сите потребни податоци за универзитети низ целиот свет и го олеснува процесот на истражување на овие институции - раскажува Ивана.
Таа смета дека сѐ уште има време да открие каде ќе го продолжи своето образование. Засега нејзин главен интерес се економијата, интернационалниот бизнис и модата. Комбинација која, како што вели, е невозможна за студирање во Македонија, а смета дека би можела да ја оствари во странство. Таа е спремна да експериментира со своите способности, но не е сигурна дали сака да го прави тоа во својата татковина или во друга држава.
Фото: приватна архива