X
 18.04.2021 Наука

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Колку езера имa на Земјата?

Колку езера има на Земјата? Ова прашање отсекогаш предизвикува мистерија и силен интерес кај многу светски научници и географи. Со оваа особено обемна и макотрпна проблематика се зафатиле голем број хидролози и лимнолози. Речиси сите успеале да евидентираат до неколку стотици илјади езера, а претежно биле регистрирани само најголемите езера.

Сумирањето на езерата е особено деликатна тема за која се потребни неколку комбинирани процеси, првенствено стандардизирана методологија, современи и крупноразмерни сателитски снимки без приказ на облаци, како и соодветни компјутерски технологии со алгоритам за картографско мапирање. Токму на овој начин меѓународен истражувачки тим составен од научници и истражувачи од Шведска, Естонија, Франција и од САД успеа да ги изброи речиси сите езера на Земјата. Целта на студијата, која ја спровел истражувачкиот тим, првенствено е да се попишат сите езера, а со тоа да се пресмета вкупната површина под езера преку која ќе се разбере улогата на езерата во однос на глобалното затоплување и јаглеродниот циклус, како и врската на езерата со другите природни процеси.



Имено, кога микроорганизмите ги разградуваат органските материи во атмосферата, се ослободуваат јаглероден диоксид и метан. Истражувачки тимови како што е „Tranvik“ откриваат дека езерата значително придонесуваат за овие и други природни процеси.

Инаку, студијата со попис на езерата ги опфаќа сите копнени површини на Земјата освен површините со вечен снег и мраз, како што се Гренланд и Антарктик. Во методологијата за броење на езерата се вклучени сите водени површини (езера, езерца и вештачки акумулации) кои имаат површина која е поголема од 0,2 хектари или површина со големина колку половина фудбалско игралиште (45 метри должина и 45 метри ширина).

Според истражувањето, евидентирани се околу 117 милиони езера со површина поголема од 0,2 хектари. Заедно сите езера зафаќаат површина од околу 5 милиони km² или 3,7 % од копнената површина на Земјата. Најголемиот дел од езерата се протегаат на северната полутопка, помеѓу 45° и 75° северна географска широчина. Во однос на висинската распространетост околу 85 % од езерата се наоѓаат на надморска височина до 500 метри. Инаку, околу 90 милиони езера (76,9 %) спаѓаат во категоријата мали езера од 0,2 до 1 хектар. Останатите 27 милиони езера (23,1 %) се поголеми од 1 хектар.

Подготвил: Дарко Стојчески, дипломиран географ
Извор: igeografija.mk
Фотографии: Pixabay

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука