X
 14.10.2021 Наука

На највисоките делови на Ниџе имало глечери за време на плеистоценот

Според досегашните геоморфолошки истражувања, од 13. високи планини во Македонија (повисоки од 2.000 метри), 10 биле зафатени со плеистоценска глацијација, за што сведочат многубројните циркови, валови, морени и др. Единствено Ниџе (2.520 м), Осогово (2.252 м) и Беласица (2.031 м) се сметаа за високи планини на кои нема глацијални траги. Сепак, последните истражувања на авторот на оваа статија покажаа дека највисокиот дел на Ниџе (5. по височина во Македонија), околу врвот Кајмакчалан, бил зафатен со глацијални процеси. За тоа сведочи циркот околу 1,5 километар западно од врвот, во изворишниот дел на Коњарска Река. Овој цирк, кој има северна експозиција, е со пречник од 1 километар, всечен во прекамбриумски до палеозојски микашисти и гнајсеви. Со една карпеста греда, циркот е поделен на два дела (два секундарни цирка): источен и западен.



Гребенот на циркот е на височина од 2.200 до 2.334 метри, додека циркниот под, кој е доста зарамнет, е на околу 2.000 метри. На неговото дно има мало мочуриште-тресетиште со пречник од 100 метри, кое очигледно е остаток од поранешно глацијално езеро. Со теренските опсервации и анализа на дронските снимки направени во таа пригода, утврдена е серија на челни и странични морени на височина од 1.800 до 2.050 метри, која укажува на фазно повлекување на глечерот кон повисоките делови со затоплување на климата при крајот на плеистоценот. Според направената реконструкција, должината на глечерот била околу 1,5 километар, во правец кон север-североисток. Тоа што циркот (цирковите) не е толку јасно релјефно изразен е резултат на слабо отпорната геолошка подлога во која е всечен (претежно микашисти), за разлика од цирковите на другите високи планини, кои главно се всечени во варовници (Јабланица, Шара, Бистра), мермери (Јакупица), гранити (Пелистер) и сл. Покрај глацијални форми, на овој простор има маркантни периглацијални појави, особено тревни (солифлукциски) тераси, лизгачки блокови, нивациски циркови и др.



Иако засега не може со голема точност да се зборува за староста на глацијалните форми на Ниџе, согласно корелација со блиските планини Пелистер (Баба) и Галичица, веројатно станува збор за последниот глацијален максимум, пред околу 15-20 илјади години. Истражувањата што ќе следуваат ќе дадат подетална слика за глацијацијата на Ниџе, како временски така и просторно.

Според тоа, нема никаква дилема дека на највисоките делови на Ниџе за време на плеистоценот имало глечери, кои оставиле јасни видливи траги во денешниот релјеф.



Автор: проф. д-р Ивица Милевски
Извор и фотографии: igeografija.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука