Што правиме психолошки за да живееме полош живот? Постојат многу постапки и мисли кои можат да ни го влошат животот. Размислете за лошите навики, незадоволството, љубомората, ароганцијата, ниската самодоверба и многу други нешта. Сепак, кога би направиле потемелна анализа и ја одделиме суштината на тие однесувања, сфаќаме дека сите овие дејства можат соодветно да се сумираат под две клучни точки.
Ги знаеме нашите слаби страни, но не работиме на нив
Генерално, постојат два типа луѓе кога станува збор за соочување со личните слабости. Првиот тип се оние што тврдат дека немаат никакви слабости и затоа не гледаат потреба да работат на ништо. Како одговор, тука може само едно нешто да се каже: ова е опасна форма на самоизмама.
Сите ние имаме аспекти од себе кои би можеле да ги подобриме. Тврдењето дека сте беспрекорни често е знак на недостиг на подготвеност за саморефлексија и растење. Овој начин на размислување нè наведува да ги игнорираме нашите проблеми кога тие не се вознемирувачки во моментот. Склони сме да мислиме: „Доколку ова прашање целосно не ми го уништи животот, нема потреба да го решавам“, заборавајќи дека нерешените прашања обично повторно се појавуваат кога нешто ќе ги активира.
Вториот тип се оние што ги признаваат своите слабости, но го одложуваат нивното решавање. Тие би можеле да признаат: „Да, има нешто во мене на кое му треба работа“, но од различни причини го одложуваат преземањето акција. Многу луѓе изразуваат желба еден ден да побараат помош од психолог или тренер. Ова точно покажува дека некаде во задниот дел од нивниот ум тие знаат дека има проблем на кој би можеле да работат. Сепак, она што го гледаме е дека тие продолжуваат да го трошат своето време во двоумење и речиси сигурно никогаш нема да почнат да работат на себе.
Ако го погледнете сопственото однесување, можете ли да најдете нешто? Дали знаете каде е вашата слаба страна? Дали претпочитате да замижувате пред тоа?
Ги знаеме и нашите силни страни, но не работиме на нив
Другата страна на игнорирањето на нашите слабости е тенденцијата да ги занемариме нашите силни страни. Многу луѓе живеат незадоволителен живот. Што е она што им е заедничко? Тие никогаш не се труделе да ги идентификуваат своите силни страни, а камоли да ги искористат самоуверено и да ги развиваат понатаму. Нашите чувства на бесмисленост и незадоволство од нашите животи често произлегуваат од нереализираниот потенцијал за тоа што би можеле да придонесеме за светот.
Луѓето што си го загорчуваат животот често се оние што го ставаат својот потенцијал под килим. Може да се каже дека тие се неодговорни кон самиот живот, бидејќи не успеваат да му го дадат на светот она што би можеле да го понудат. Навистина, има многу ужасни работи на светот кои би можеле да ги поправиме. Сепак, често избираме да молчиме, криејќи се од потенцијалните големи нешта што би можеле да ги постигнеме ако ги развиеме нашите сили.
Каде нѐ води тоа?
Ако чувствувате дека вашиот живот е полош отколку што мислите дека треба да биде, проверете дали ги правите двете работи што ги опишавме. Дали имате некои слаби страни, лоши навики, зависности, социјална анксиозност, депресивно расположение, недостиг на комуникациски вештини, или двоумење околу тоа што мислат луѓето за вас? Запрашајте се зошто не сте презеле чекори за решавање на овие проблеми.
Дополнително, размислете дали ги занемарувате можностите да ги развиете вашите силни страни. Дали ви недостига добра работа или хоби за кое сте страсни? Ако е така, зошто не преземате чекори за да ги остварите овие интереси?
Или можеби веќе имате пристојна работа и сте постигнале одреден успех. Сепак, чувствувате дека не сте толку високо колку што сте можеле да бидете и какви што сакавте да бидете? Зошто не одите во оваа насока?
Значителен дел од незадоволството во нашиот живот произлегува од нашите постапки, или неактивности во однос на личниот раст. Ако сметате дека вашиот живот не е толку добар како што треба, можеби е време да се фокусирате на двата опишани аспекти.
Извор: psychologytoday.com
Фото: Freepik