X
 04.02.2018 Живот

Бесмртната љубов на Бетовен

Лудвиг ван Бетовен е човекот кој оставил вечена трага на човештвото. Бесмртен со својата музика, композиторот на човештвото му подари нешто што за неговиот живот никој не можел да возврати во иста мера. По својата смрт, покрај своите дела, остава зад себе и едно писмо кое е посветено на неговата „Бесмртна драга“.


За таа страна на Бетовен не се знае многу. Познато е дека ги сакал и уживал во друштвото на жени, а и имал многу љубовници. Но, никогаш не се оженил. Со децении историчарите се обидуваат да дознаат на кого било посветено писмото. Има многу теории, а една од нив е прикажана во филмското остварување на режисерот Бернард Роуз. Филмот е заснован на неколку историски факти, но поголемиот дел е приказ на неговата психичка состојба и емотивните бури.

Познато е дека поголемиот дел од композициите ги напишал кога го изгубил слухот. Но, може да се каже дека музиката продолжила да живее во него. Можеби не можел физички да ја слушне, но дефинитивно ја чувствувал околу себе и во себе.

Бил познат по својот темперамент и по малку непријатен карактер. Во писмото пак, се отвора неговата ранлива страна. Постојат неколку жени кои одиграле важна улога во љубовниот живот на Бетовен. Чешки историчар идентитетот на непознатата жена и го доделил на Алмерија Естерхази. Сепак, таа се омажила за човек кој бил на нејзино ниво во општествениот статус, а со Бетовен престанува да контактира. Грофицата Јулија Гуичиарди е жената на која Бетовен и ја посветил „Месечевата соната“. Taa на 16 години станала негова ученичка, но и таа не припаѓала на неговата класа иако тврдел дека помеѓу нив има љубов. Се спомнува и Тереза Малфати. Пред крајот на својот живот, Тереза го имала познатото пијано на Бетовен, на кое пишувало „За Елиза“. Постои мислење дека Елиза било името на миленичето на Тереза.

Летото 1810 година, Бетовен ја запросил Тереза, но заради своето несмасно однесување, тој го навредил целото нејзино семејство и бил протеран од куќата. Некои сметаат дека љубената на Бетовен може да биде само Антони Бретано. Таа за композиторот зборувала дека можеби е и подобар човек отколку уметник.

Постоеле многу жени во животот на Бетовен и секоја оставила некаква трага во неговото творештво. Колку и да се погодува, сепак прецизен одговор веројатно нема да се добие никогаш. Сепак, писмото многу зборува за самиот композитор и неговото страдање, но и за тоа што никогаш не дозволил музиката во него да исчезне. Можеби неговата бесмртна драга била токму музиката.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот