X
 18.05.2019 Култура

„Тивкиот маестро“ - изложба на копии од фрески за Меѓународниот ден на музеите

Изложба на цртежи и копии од фрески од Владимир Деловски-Џиџи, вечерва во 19.30 часот, ќе биде отворена во музејскиот комплекс во Старата скопска чаршија. Ова е само еден од настаните со кои музеите од земјава денеска ќе го одбележуваат 18 Мај, Меѓународниот ден на музеите. Традиционално, влезовите во музеите на овој ден се бесплатни, а секоја институција со свои содржини го одбележува празникот.

На изложбата под наслов „Тивкиот маестро“ ќе бидат претставени цртежи од среден формат, копии на фрески во гипс, како и копии на фрески на платно од голем формат, главниот елемент на ликовната ориентација на уметникот.

Владимир Деловски-Џиџи (Битола 1955), ликовен уметник и копист, по долга и плодна животна кариера, првпат се претставува со самостојна изложба во музејот каде што го поминува целиот свој професионален век. Ученик на великаните на македонската уметност, Родољуб Анастасов и Димитар Кондовски, како и копистите од првата генерација Ганчо Бошковски и Никола Цонев, Џиџи (како што сите и секаде го знаат) развива личен ликовен израз во презентацијата на сакралните мотиви од византиската и македонската православна традиција, кои се широко познати, давајќи им свој препознатлив печат.

По повод Меѓународниот ден на музеите, музејот во чаршијата ќе биде отворен од 9 до 23 часот.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура