X
 18.05.2021 Технологија

Колку чинат украдени лични податоци на темниот интернет?

Сè почесто слушаме за хакерски напади во кои се украдени или објавени лични податоци. Поголемиот дел од медиумите ги пренесуваат овие вести објаснувајќи како се случил нападот и откривајќи го бројот на оштетени корисници, но што се случува со овие податоци по инцидентите?

Рави Сен, професор на Универзитет во Тексас и истражувач за сајбер-безбедност, пишува за „Коверзејшн“ дека дестинацијата на украдените податоци зависи од тоа кој стои зад нападот и зошто податоците биле украдени. Некои крадци на податоци се мотивирани да ѝ наштетат на некоја личност или организација, но понекогаш податоците се крадат од владите и тие не се продаваат.

Сепак, поголемиот дел од хакерските напади се за продавање на украдените податоци. Според анализа на „Верајзон“, 86% од ваквите напади се за заработка, а 55% од нив се направени од организирани криминални групи. Украдените податоци често стигнуваат на таканаречениот „темен интернет“ (англ. dark web). На пример, во 2018 година хакери понудиле на продажба над 200 милиони документи за лични информации на кинески индивидуалци, вклучувајќи и податоци на 130 милиони гости на синџир хотели.

На темниот интернет купувачите може да ги купат податоците што им се потребни, а плаќањето најчесто се врши со биткоини или преку „Вестерн унион“, пишува Сен. Цените зависат од видот на податоците, како и од понудата и побарувачката.


Фото: Pixabay

Според податоци од компанијата „Прајваси аферс“, цената за податоци од кредитна картичка „Мастеркард“ со ПИН изнесувала 15 долари во 2020 г., а 25 долари оваа година. Сумата за „Виса“ со ПИН просечно изнесува 25 долари годинава, исто како и минатата, а за детали за кредитна картичка со 5.000 долари на сметка некој плаќа и до 240 долари годинава. Податоците од интернет-сметки од банка со најмалку 2.000 долари на сметка може да чинат околу 120 долари на темниот интернет.

Кога станува збор за социјалните мрежи, еден хакиран профил на „Фејсбук“ чинел 75 долари минатата година, а 65 долари оваа година. Цените за профилите на „Инстаграм“ се пониски - 55 долари во 2020 г. и 45 долари во 2021 г.

Хакиран профил на „Твитер“ чини 35 долари годинава, 49 долари минатата година, а профил на „Џимејл“ се продава за цена од 80 долари годинава, во споредба со 156 долари во 2020 г.

Како се користат украдените податоци?

Купувачите може да ги искористат податоците на различни начини. Броевите на кредитните картички и сигурносните кодови може да се искористат за да се направат клонови на картичките и со нив да се врши нелегално купување, додека личните податоци како адресата и датумот на раѓање може да послужат за кражба на идентитетот. На пример, купувачот може да аплицира за кредити или кредитни картички со податоците на жртвата.


Фото: Pixabay

Понекогаш личните податоци ги купуваат фирми што се специјализираат во маркетинг-кампањи и за ширење интернет-вируси. Здравствените податоци стануваат побарани во последните години. Во еден случај од Финска хакери барале пари од пациенти на психијатриска институција заканувајќи се дека ќе ги објават сите документи за нивното ментално здравје.

Некои хакери крадат медицински дипломи, лиценци и документи за осигурување за да лажираат медицинска историја.

Дали вашите податоци биле украдени?

Пред сè, треба да проверите дали вашите податоци се продаваат на темниот интернет, а за тоа може да искористите веб-страници како оваа и оваа, на кои може да видите дали вашата електронска адреса била украдена. Доколку била украдена, треба да ги смените лозинките на вашите профили и да размислите за информирање на вашата банка.

Автор: Рави Сен
Извор: theconversation.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија