Советот на Европската Унија (ЕУ) донесе уредба за пазарот на криптовалути (MiCA) која првпат утврдува правна рамка за тој сектор на ниво на ЕУ. Регулативата ќе ги заштити инвеститорите со зголемување на транспарентноста и воспоставување сеопфатна рамка за издавачите и давателите на услуги, што вклучува усогласеност со правилата за спречување перење пари.
Со новите правила се опфатени издавачите на кориснички токени, токени поврзани со средства и стабилни валути (stablecoin). Опфатени се и давателите на услуги како места за тргување и дигитални паричници во кои се чуваат крипто-средствата. Целта е да се заштитат вложувачите и да се зачува финансиската стабилност, притоа овозможувајќи иновации и поттикнувајќи вложувања во крипто-средствата.
Според регулативата, нема да се следат трансакциите во личните директни плаќања, дури и кај трансакциите поголеми од 1.000 евра. Освен тоа, регулативата не донесува забрана на енергетски интензивно копање криптовалути, иако од големите даватели на услуги бара да известуваат за трошењето на електричната енергија.
Советот на ЕУ постигнал и договор во врска со измени на директивата за административна соработка во рамките на оданочувањето. Измените главно се однесуваат на известување и автоматска размена на информации за приходите од трансакциите со крипто-средства и информации за најбогатите поединци. Со ова ќе се отстранат дупки во законот кои претходно се користеле за одбегнување плаќање на данокот на доход.
Државите што се членки на ЕУ треба да воспостават задолжителна автоматска размена на информации која ќе мора да ја доставуваат давателите на услуги поврзани со крипто-средства.
Извор:
Bug
Насловна фотографија: Pixabay