Актерите
Кијану Ривс и Џонатан Фрејкс се дел од познатите што им нудат можност за разговор на обожавателите преку апликацијата „Зум“.
Ривс на аукција нуди 15-минутен разговор, а парите се за хуманитарна организација за деца заболени од рак. Последната најголема понуда изнесува 9.800 долари.
Од друга страна, на платформата за допишување со познатите „Камео“, за 166 фунти можете да купите 10-минутен разговор со актерот од „Ѕвездени патеки“, Џонатан Фрејкс, и со скејтерот Тони Хок.
Од „Камео“ потврдуваат дека има многу заинтересирани за нивниот сервис наречен „Камео лајв“, иако на апликацијата има само 31 позната личност откако почнала со работа.
Оваа стартап-компанија, создадена во 2017 година, понуди и кратки снимени лични пораки на познатите личности, меѓу кои се и реалити-ѕвезди и спортисти, а секој од нив за оваа услуга наплаќа различно.
Фото: Screenshot/YouTube
- „Камео лајв“ е сличен како бекстејџ-пропусница на концерт или запознавање со давање автограми - изјави портпаролот на компанијата, Брендон Казимер.
- Ова е најново издание на контакт меѓу ѕвездите и обожавателите - рече тој.
Основачот Стивен Галанис изјави дека ѕвездите што нудат снимени пораки успеале да ги срушат цените во просек за 27 отсто за време на карантинот.
- Се наоѓаме во чудна атмосфера во која секој спортист, актер или музичар всушност нема што да прави - изјави тој.
Американскиот комичар Тони Атамануик на својот твитер-профил напиша дека ќе ѝ се приклучи на платформата.
- Сакате да ми платите 25 долари за да кажам што било? Ќе го направам тоа - напиша тој. - Затворен сум дома и ќе полудам.