Кијану Ривс и неговите филмови повеќе не можат да се најдат на интернет во Кина доколку се пребарува неговото име.
Филмовите на актерот, вклучувајќи ги франшизите „Џон Вик“ и „Матрикс“, беа отстранети од кинеските платформи за стриминг по неговото учество на почетокот на овој месец на хуманитарен концерт за „Тибет Хаус“, непрофитна организација поврзана со далај-лама, кој поддржува промовирање и поддршка на културата на Тибет.
Кина го анектира Тибет во 1950 година, што доведе до прогонство на далај-лама. Поддршката на Ривс за културната организација, основана во 1987 година на барање на тибетскиот лидер далај-лама, предизвика негодување и гнев кај Кинезите.
Корисниците на социјалните мрежи ги повикаа сите да го бојкотираат Ривс откако беше објавена веста за неговата поддршка за концертот. Минатиот понеделник стриминг-платформите, „Тенсет видео“ и „Ајкјуи“ ја отстранија содржината на канадскиот актер, а пребарувањето за неговото име на кинески не даде резултати.
- Поради релевантните закони, регулативи и политики, некои резултати не се прикажани - велат од „Ајкјуи“.
Отстранети 19 филма од платформата
Најмалку 19 филма на Ривс се отстранети од платформата „Тенсет видео“, додека остана само „Приказна за играчките 4“. Само кинеските изведувачи на синхронизација се наведени како гласови во цртаниот филм, а не и Ривс.
Сепак, останува нејасно дали регулаторите им наредиле на платформите да ги отстранат филмовите.
Кина ги отфрла тврдењата за независност на Тибет и го признава сегашниот панчен-лама, кој беше назначен од Комунистичката партија за највисока верска личност во Тибет.
Ривс претходно имаше добри односи со Кина. „Матрикс-воскреснување беше првиот холивудски блокбастер што излезе во земјата по двомесечна пауза. Неговиот филм „Човек на Таи Чи“ од 2013 година беше во копродукција на САД и Кина, а актерот јавно проговори за неговата „љубов“ кон кинеското наследство.
Кијану Ривс не е првиот актер што се соочил со негативни реакции во јавноста во Кина. Во мај минатата година Џон Сина објави видео во кое се извини на мандарински (очигледно лош) откако зборуваше за Тајван како земја додека беше на промотивна турнеја за „Ф9“.
- Многу ми е жал за грешката. Жал ми е, жал ми е, многу ми е жал. Мора да разберете дека ја сакам и почитувам Кина - рече тој.
Извор:
Bizlife.com
Фото: Screenshot/YouTube