X
 18.06.2023 Живот

Ѕирнете во тајниот нуклеарен бункер на Данска

Скриен во северниот дел на шумата Ролд, на околу 400 километри од Копенхаген, се наоѓа бункерскиот комплекс „Koldrigsmuseet REGAN Vest“ (Музејот на Студената војна „РЕГАН Вест“). Тајно изграден во 60-тите години, за време на Студената војна, ова е местото каде што би биле евакуирани данската влада и кралицата доколку избие нуклеарна војна.

Планот бил да се води земјата од внатрешноста на ова засолниште, на 60 метри под земја, а самото негово постоење со децении се чувало во тајност, додека конечно не било откриено во 2012 година. По долгогодишни подготовки, првпат беше отворено за јавноста во февруари 2023 година како музеј.

1
Фото: Instagram

Дозволени се само 50.000 посетители годишно, а пристапот е ограничен на мали групи од 10 луѓе, на 90-минутни тури со водич кои истражуваат 2 километри од лавиринтскиот бункерски систем.

Под високите шуми и брилијантното сино небо, кратката патека води до влезот на бункерот, место што некогаш би го чувале полицајци вооружени со пиштоли и рачни гранати. Бетонската рамка на вратата станала зелена од мов, и изгледа толку обично, што обемната тунелска мрежа што ја крие ја прави уште повџашувачка.

2
Фото: Instagram

Кога ќе влезете во тунелот, имате чувство како да влегувате во таен паралелен универзум. Закривените ѕидови се дизајнирани да го забават бранот од нуклеарна експлозија. Ходникот води до непропустливите врати кои го означуваат почетокот на вистинскиот бункер.

4
Фото: Instagram
Фото:

Првата станица е машинскиот простор, каде што генератори го одржуваат објектот во функција. По затворањето на бункерот, тој ќе има доволно електрична енергија, рециклиран воздух и други резерви за период од 10 дена, објаснува кураторот и историчар Бодил Франдсен, споредувајќи го бункерот со „копнена подморница“.

Бункерот отпорен на нуклеарно оружје се протега на површина од 5.500 квадратни метри, обликуван како два големи, поврзани прстени, со горен и долен кат и повеќе од 230 соби, во кои би биле сместени 350 луѓе. Главно тоа би биле министри и државни службеници, како и дел од администрацијата задолжена да ги води работите на државата во текот на најтемниот период, плус медицински персонал, новинари и еден свештеник.

4
Фото: Instagram

Во бункерот може да се видат недопрени канцеларии, сè уште опремени со старомодни телефони и канцелариски материјал, просторија за комуникација и мало радиостудио. Голем дел од декорот потекнува од 60-тите и 70-тите години, вклучувајќи и десетици оригинални класични столчиња од данскиот дизајнер Арне Јакобсен.

Токму затоа овој бункер е толку уникатен. Постојат и други владини бункери, но тие се реновирани, отстранети се предметите или не се отворени за јавноста.

За време на Студената војна биле создадени околу 14.000 вакви слични објекти, а постои уште еден сличен голем комплекс наречен „Реган Ост“.


- Не можам да ви кажам повеќе за тоа бидејќи сè уште е во функција и се чува во тајност - рече Франдсен.

Во бункерот постои и ВИП-соба со тепих на подот наменет за кралицата Маргрета.

Фактот што бункерот останал таен половина век е извонреден, а голем број Данци едвај чекаат да го разгледаат и да видат што сè крие.

Извор: BBC
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот