X
 18.06.2024 Технологија

Американски лекар ги изедначи социјалните мрежи со цигари: „Треба да имаат ознака за предупредување“

Сигурно ви се познати оние застрашувачки фотографии кои предупредуваат на потенцијалните последици од пушењето, ставени на кутиите цигари? Американскиот лекар Вивек Марти сака да го примени истиот принцип и за социјалните мрежи.

Како што напишал во колумна за „Њујорк тајмс“, Марти сака Конгресот на САД да предложи, а потоа да донесе закон што ќе ги принуди социјалните платформи како „Мета“, Платформата „Х“, „ТикТок“ и „Снепчет“, да објавуваат еден вид дигитална предупредувачка ознака, за да ги предупредат младите корисниците за можните негативни последици што може да ги има користењето на социјалните медиуми врз нивното ментално здравје.

-Кризата на менталното здравје кај младите стана здравствена криза, а социјалните мрежи се покажаа како важен фактор. Тинејџерите кои поминуваат повеќе од три часа дневно на социјалните мрежи, се соочуваат со двојно поголем ризик од развој на анксиозност и депресија - пишува Марти.

Но, тоа не е сè. Марти сака да ги принуди социјалните мрежи јавно да објавуваат податоци за нивното влијание врз здравјето и да ги споделат со независни научници. Тој смета дека на тој начин ќе се зголеми транспарентноста. Прави и паралела со воведувањето на етикети на тутунските производи, кои помогнале да се промени однесувањето на корисниците.

Според неговиот предлог, дигиталната етикета нема да ја забрани апликацијата или платформата, туку ќе им сигнализира на луѓето што може да предизвика нејзината употреба и ќе ги поттикне да донесат поинформирани одлуки за нивната употреба.

Како тоа би функционирало во пракса? Може да се појави предупредување во форма на „скокачки прозорец“ кога пристапувате до платформата, или ја инсталирате апликацијата.

Иако предлогот на Марти е само предлог, факт е дека социјалните платформи се на удар на бројни регулатори, токму поради нивното влијание врз децата и младите. Да потсетиме, ЕУ го донесе Законот за дигитални пазари, кој предвидува високи казни за оние дигитални платформи кои не се придржуваат до строгите правила. Во САД, исто така, беа донесени неколку закони за социјални медиуми, кои треба да го ограничат пристапот на децата до содржината што предизвикува зависност и подобро да ги заштитат нивните лични информации.

Тешко е да се каже дали предлогот на Марти ќе заживее и во каква форма. Но, јасно е дека социјалните платформи не би се согласиле на такви дигитални етикети, без борба.

Извор: zimo.dnevnik.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија