На децата и младите во Флорида што се под 16 години ќе им биде забрането да ги користат социјалните мрежи без оглед на одобрението од родителите, според нацрт-законот усвоен од Претставничкиот дом на државата.
Според американските медиуми, нацрт-законот не кажува кои платформи ќе бидат забранети, но ги таргетира сите социјални медиуми што ја следат активноста на корисниците, што им дозволуваат на децата да поставуваат материјали и да комуницираат со други.
Нацрт-законот не се однесува на апликациите што се користат за приватни пораки помеѓу поединци.
- Тие ги искористуваат предностите на децата кои растат. Тоа е нивниот бизнис-модел. И зошто го прават тоа? За да ги задржат со допаминските удари што платформата им ги дава на нашите деца со секоја автоматска репродукција, со секој лајк, со секои нотификации - изјави републиканскиот пратеник Тајлер Сироис.
Законот беше усвоен со 106 гласа „за“ и 13 „против“, а мерката ќе бара социјалните мрежи да ги избришат профилите на сите помлади од 16 години.
Се чека одобрение во Сенатот
Предлог-законот чека одобрение во Сенатот. Претседателот на Претставничкиот дом, Пол Ренер, рече дека забраната е еден од неговите приоритети во агендата за заштита на децата, заедно со нацрт-законот за ограничување на пристапот до веб-страниците за возрасни, кој пратениците исто така го усвоија во средата.
- Мораме да ги решиме негативните ефекти од социјалните мрежи и да им овозможиме добар развој на нашите деца. Флорида има обврска и интерес да ги заштити децата, нивното ментално здравје и нивното детство - рече Ренер.
Законот, исто така, ќе бара од компаниите трајно да ги бришат личните податоци собрани од избришаните профили.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik