X
 18.07.2018 Живот

Нелсон Мандела, приказна за една борба

На 18 јули 1918 година во едно село во близина на Умтата, Транскеј, на свет дојде Нелсон Ролилала Мандела. Тој е роден во кралско семејство кое му припаѓало на племето Тембу. Неговиот татко, Хенри Мандела, како потпоглавар, бил член на советот на Транскеј.

По смртта на татко му, грижата за него ја презема поглаварот на Тембу, неговиот вујко, кој всушност го одредил за наследник. Сепак, тој бил воодушевен од судските процеси во племето и во него се јавила желба да стане адвокат. Приказните на повозрасните припадници на племето за војните во кои ја бранеле својата татковина го поттикнале да сонува за тоа како и тој ќе даде придонес во борбата за слобода на својот народ.

Одел во Институтот „Кларкбери Бординг“, а по матурирањето на колеџот „Весли“ во Форт Бофорт, се запишал на Универзитетот „Форт Харе“, каде што се покажал како водач на студентите бидејќи организирал бојкот на предавањата. Во 1940 година заминал во Јоханесбург, каде што завршил колеџ како извонреден студент и почнал со студирање на правните науки. Во 1944 година се приклучил во Африканскиот национален конгрес (АНК).

Од сите луѓе што го одбележаа 20 век во позитивна смисла, Нелсон Мандела го зазема првото место. Во век во кој се случија некои од најголемите зла во историјата, како што се фашизмот, расизмот и две големи светски војни, Мандела и неговата борба против апартхејдот станаа глобален симбол на социјална правда и будење надеж.

За Мандела се вели дека е еден од последните вистински херои и „претседател на светот“. Како човекот од југот на Африка стана икона е тешко да се објасни, не е само личниот шарм во прашање, туку сплет на околности кои младото момче од африканската кралска лоза го втурнале во борба против варваризмот како што е апартхејдот - институционализираните расни сегрегации во кои црнците, иако заземале 70 отсто од населението, биле граѓани од втор ред во однос на привилегираното малцинство потомци на белите Европејци.

Самиот Мандела велеше дека не е месија, туку обичен човек кој станал лидер поради необичните околности. Јужноафриканската писателка и негова долгогодишна пријателка Надин Гордимер, добитничка на Нобеловата награда за книжевност, објаснува дека она што го одделувало Мандела била способноста да живее за другите.


Мандела (фотографија од 1937 година)
Фото: Wikipedia

Иако го нарекуваа модерен Спартак, водач на бунтовните робови и го споредуваа со Прометеј, кој на боговите им го украл огнот и им го донел на луѓето, Мандела никогаш не покажуваше желба да биде дел од Олимп и цврсто се држеше до она морално-човечкото во себе. Долго беше за ненасилен отпор, но кога увиде дека тој не носи резултати, ја поддржа вооружената борба.

-Не одрекувам дека планирав саботажи. Не го правев тоа затоа што сум непромислен или затоа што сакам насилство. Го планирав тоа како резултат на мирното и разумно одмерување на политичката ситуација која настанала по многу години тирании, експлоатација и угнетување на мојот народ од страна на белците - рече Мандела пред судот кој во 1964 година го осуди на доживотен затвор.

Мандела минал 27 години зад решетки. Бил човек без лице и глас бидејќи властите им забранувале на медиумите да објавуваат слики од затворениците или, пак, нивни изјави. Сепак, се испоставило дека за тоа време никој не го заборавил, ни во земјата ни во светот. Додека бил во затвор, му стигнувала огромна поддршка. Уште се памети концертот на Вембли во 1988 година, со кој најголемите светски ѕвезди го одбележаа неговиот 70. роденден.

Кога му понудиле амнестија ако повика на полагање на оружјето, тој одбил и рекол дека затворениците не можат да склопуваат никакви договори. Кога во 1990 година бил ослободен и ја проценил состојбата, самиот повикал на прекин на насилствата.

Мандела од татко му слушал приказни за историските битки и херои, а од мајка му Носекени легенди и бајки. Мајка му го прифатила христијанството, па и тој бил крстен. Нелсон бил прв член на фамилијата што тргнал на училиште. Христијанското име Нелсон го добил од учителката уште на првиот ден од училиштето бидејќи сите деца покрај африканското, добивале и англиско име.

- Образованието што го стекнав беше британско, а во него британските идеи, британската култура и британските институции автоматски се сметани за супериорни. Африканската култура не постоеше - напиша Мандела во својата автобиографија.

На првите мултирасни избори во 1994 година, Нелсон бил избран за претседател на Јужноафриканската Република. Се повлекува во 1999 година.

Мандела во 1993 година се согласи да ја прими Нобеловата награда за мир заедно со претседателот на Народната партија, Федерик де Клерк.

- Ако постојат соништа за убава Јужноафриканска Република, постојат и патишта кои водат до нивно исполнување. Од тие патишта, два се добрината и простувањето - говореше Мандела.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот