X
 18.07.2019 Живот

Се парализирал, но по три месеци продолжил да го води успешниот бизнис

Хироки Такучи имал само 30 години кога во септември 2016 година, возејќи се со велосипед во Лондон, се судрил со автомобил и останал парализиран од половината надолу.

- Кутрата моја сопруга, само три недели претходно се венчавме - се присетува тој.

Но, иако бил тешко повреден, младиот претприемач не се откажал од неговата компанија „Гоу Кардлес“ и само три месеци по несреќата се вратил да управува со бизнисот.

Тој со уште двајца пријатели во 2011 година основал компанија која се занимава со развој на технологија која на другите компании им овозможува полесно примање на дебитни уплати од клиентите. Од 2015 година бил главен и одговорен извршен директор, па во деновите по несреќата бил загрижен и за опстанокот на компанијата.

- За среќа, изградивме доволно јак тим и бевме во замав, па тимот можеше да продолжи без мене во канцеларијата секој ден. Дури и по три месеци откако ме немаше, работата продолжи добро да функционира и тоа беше убаво да се гледа. Убаво е да се знае дека нешто што си го изградил има самостоен живот - вели Такучи.

Иако „Гоу Кардлес“ е една од оние компании за кои не знаат многу луѓе, нејзините услуги и технологија ги користат 40.000 компании од целиот свет, ја користат нејзината платформа за да процесираат повеќе од 9,4 милијарди долари годишно

Такеучи, кој е половина Јапонец, половина Англичанец, пораснал во Свиндон, на југот на Англија. Откако ги завршил студиите по математика на „Оксфорд“, првата работа ја пронашол во 2008 година во лондонска канцеларија за консултантски менаџмент. Но, тој бил амбициозен, па набрзо со пријателот Том Блофилд и колегата Мет Робинсон почнале да размислуваат за претприемачки проекти. Заклучиле дека финансискиот сектор е добра можност, а утврдиле и дека системите за електронско плаќање се застарени. Така, по разработка на идејата, во 2011 година успеале дека влезат во „Y Combinator“ - престижна програма за поддршка на стартапи во Силициумската долина. Во Англија се вратиле со 1,5 милион долари инвестиција, а тој момент, се присетува Хироки, бил пресвртница.

Како што напредувала компанијата, тројцата основачи се разделиле. Бломфилд ја напуштил компанијата во 2013 година и основал своја, а Робинсон ја напуштил „Гоу Кардлес“ во 2015 година, кога тој и Хироки заклучиле дека на компанијата ѝ е потребен само еден шеф.

- Ни требаше лидер, а тоа можеше да биде или Мeт или јас, но немавме намера еден на друг да си поднесуваме извештаи. Знаевме дека кога едниот од нас ќе ја преземе таа функција, другиот ќе мора да отстапи - вели Хироки, кој оттогаш е извршен директор на компанијата.

Денес за неговата фирма работат 340 луѓе од целиот свет, а освен во Англија, тие имаат канцеларии и во Франција, Германија и во Австралија. Оваа година во нова инвестициска рунда тие привлекоа уште 75 милиони долари вложувања кои планираат да ги потрошат на ширење на американскиот пазар.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот