Во фудбалот секогаш има победници и поразени, а овој пат конечниот резултат не остана само на теренот, туку одекна и на небото, но и на социјалните мрежи.
Компанијата „Норвиџин“ мораше да се „спушти на земја“ по победата на Англија над Норвешка со резултат 2:1 во четврт-финалето од Светското првенство во фудбал во неделата.
Последниот судиски свиреж не означи само крај на соништата на Норвешка за освојување на Светското првенство, туку привремено доведе и до тоа „Норвиџин“ на своите профили да го носи логото на „Бритиш ервејс“, како дел од преднатпреварувачкиот облог кој не заврши онака како што се надеваа.
Во пресрет на натпреварот, нискобуџетната авиокомпанија ја предизвика „Бритиш ервејс“ преку низа инстаграм-објави, провоцирајќи го ривалот да го „ризикува своето лого“ и да го замени со логото на „Норвиџин“ доколку викинзите победат.
Норвешка прва поведе кога Андреас Шјелдеруп ја затресе мрежата на Англија во 35. минута, но Џуд Белингем со два одлични гола целосно го смени натпреварот и ја однесе Англија во полуфинале.
- Иако првенството за нас е завршено, овој пријателски облог засекогаш ќе живее во нашите срца - порачаа од „Норвиџин“ во неодамнешната објава, додавајќи дека искрено се надеваат дека Англичаните ќе успеат „да го вратат фудбалот дома“.
Со изрази на сочувство, „Бритиш ервејс“ исто така се огласи на својот инстаграм-профил, порачувајќи дека ривалството траело само 90 минути и дека двете авиокомпании засекогаш ќе останат пријатели.
Навестувајќи своевидна воздухопловна романса, британскиот превозник додаде:
- Исто како Халанд и Белингем, чувствуваме дека меѓу нашите две авиокомпании расте едно убаво пријателство - со шеговита понуда да му обезбедат повратни авионски карти меѓу Лондон и Норвешка на тимот за социјални медиуми на „Норвиџин“.
Сепак, не е сè така црно ниту за „Норвиџин“ ниту за неговите патници.
- Одлична игра, Англија. Дали би сакале да ја посетите Норвешка? - се наведува во најновата објава на авиокомпанијата, која во ведар дух соопшти дека и покрај поразот на нивната репрезентација, започната е брза распродажба на карти за сите „Норвинглиш“ (спој од англиските зборови English и Norway - Norwenglish) дестинации.
Извор:
BIZlife.rs
Фото:
Screenshot/Instagram