Зошто психичките проблеми денес, во 21 век, се табу-тема? И денес постои стигма - науката и технологијата сѐ повеќе напредуваат, но ние како луѓе очигледно сѐ повеќе се повлекуваме во себе, изгубени во емоциите што ги собираме, одиме во рикверц.
Молчиме во страв од мислењето на општеството и во страв од осуда. Се плашиме од „срамот“, не зборуваме за една од најважните теми и најголемите проблеми со кои се соочува општеството.
Токму поради сево ова што е наведено, пораката на еден стар господин на „Редит“ веќе со години важи за најдобар коментар на интернет.
Сѐ се случи пред седум години кога некој на „Редит“ побара помош пишувајќи го следното: Штотуку почина мојот пријател. Не знам што да правам.
Постариот господин му одговори, а она што го напиша станаа зборови кои и после толку години често се споделуваат на социјалните мрежи.
Прочитајте.
„Значи вака. Јас сум стар. Тоа значи дека (досега) живеев подолго од многу драги лица. Загубив пријатели, најдобри пријатели, колеги, дедовци, баби, мајка ми, роднини, учители, ментори, студенти, соседи. Немам деца, но не сакам ни да ја замислам болката кога ќе се загуби дете. Но, ова ќе ви го кажам.
Би сакал да можам да ви кажам дека ќе се навикнете на тоа да умираат луѓе. Јас никогаш не се навикнав. Не го сакам тоа. Секогаш кога ќе почине некој што го сакам, тоа прави дупка во мене. Но не сакам да ми стане сеедно. Не сакам тоа само да мине низ мене. Моите лузни се споменик на мојата љубов кон таа личност. Колку се подлабоки тие лузни, толку подлабока била љубовта. Лузните се споменик на животот. Тие се споменик на тоа дека можам да сакам длабоко и да живеам длабоко и да почувствувам болка, но можам да закрепнам и да продолжам да живеам. А ткивото на лузната е посилно од обичното. Лузните се споменик на животот. Лузните се грди само за луѓето што не можат да го видат животот како што треба.
Кога станува збор за тагата, таа доаѓа во бранови. Кога ќе се случи бродолом, почнувате да се задушувате, а околу вас е хаос. Сѐ што плови ве потсетува на убавината што сте ја имале, а веќе ја нема. И сѐ што можете да направите е да пловите. Најдете некој дел од останките и цврсто држете се за тоа. Можеби тоа е некое сеќавање, можеби фотографија. Можеби некој што исто така плови со вас. Само пловете. Останете живи.
На почетокот брановите ќе бидат огромни и ќе ве удираат безмилосно, на секои десет секунди. И нема да им биде гајле што не можете да земете здив. Само држете се. Само пловете. По некое време, можеби се во прашање недели или месеци, брановите сѐ уште ќе бидат тука и ќе ве удираат, но периодот меѓу нив ќе биде сѐ поголем и поголем и ќе можете да дишете и полесно да се соземате. А никогаш нема да знаете што ќе ја поттикне вашата тага. Некогаш тоа ќе биде песна, слика, можеби раскрсница, мирис на кафе. Може да биде што било... но меѓу брановите ќе има живот.
Некаде по патот ќе сфатите дека брановите се сѐ помали и помали и раздалеченоста од еден до друг е сѐ поголема и поголема. Ќе научите и да препознаете кога би можеле да дојдат и можеби ќе се подготвите. И кога ќе ве удри, ќе знаете дека и тоа ќе мине. И ќе бидете мокри, уморни, ќе пловите, но ќе преживеете.
Верувајте што ви вели овој старец. Брановите никогаш нема да престанат и во еден момент нема ни да сакате да престанат. А потоа ќе дојдат други бранови. И нив ќе ги преживеете. Ако сте среќни, ќе бидете полни со лузни“.
Бидете секогаш тука за луѓето што ги сакате, но и за луѓето што не ви се блиски. Бидете љубезни. Кон луѓето за кои се грижите, но и кон оние за кои не се грижите.
Малите нешта имаат голем ефект.