X
 31.03.2021 Здравје

Вакцинацијата со „Астра зенека“ за помлади од 60 години засега одложена. Девојка имала тромботичен ефект по примена прва доза

Девојка на 28-годишна возраст добила тромботична реакција на крвта откако пред шест или седум дена во Србија ја примила првата доза од вакцината против Ковид-19 на „Астра зенека“. Ова денеска го потврди министерот за здравство Венко Филипче при посета на еден од пунктовите за вакцинација во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје.

- Кај нас има еден случај на девојка која има 28 години и од вчера се наоѓа на болничко лекување со тромботичен ефект, се вакцинирала со „Астра зенека“ во Србија. Реакцијата се случила шест до седум дена по вакцинацијата, а таа немала претходни заболувања - истакна Филипче.

Според него, тромботична реакција настанува како резултат на реакција на тромбоцитите, со што се создава згрутчување на крвта.

- Ова се ретки случаи, но треба да бидеме внимателни -вели Филипче.

Според него, засега нема никакви препораки дека нешто превентивно треба да се направи ако некој ја примил едната доза на вакцината на „Астра зенека“.

- Сите што се вакцинирани ќе бидат ревакцинирани согласно препораките кои ги очекуваме во следниот период - додава Филипче.

Но, сепак, потврди дека во Македонија нема да се почне со вакцинација со оваа вакцина на лица помлади од 60 години додека не се добијат сите анализи.

- Одлучивме да бидеме внимателни и да одиме полека, но сигурно. Ќе чекаме дефинитивна потврда од германското министерство за здравство дали вакцината е безбедна. Истовремено имаме состаноци со Агенцијата за лекови, а ќе се обратиме и до Европската агенција за лекови - додаде тој.

Инаку, денеска почна вакцинација на 20.000 граѓани на возраст над 77 години со хронични болести.

Филипче уверува дека нема регистрирани несакани ефекти од оваа вакцина кај постарите лица.
Подготвил: Р.З.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје