Во август 2016 астрономите од Европската јужна опсерваторија (ЕСО) го потврдија постоењето на планета слична на Земјата околу Проксима Кентаур - најблиската ѕвезда до нашето Сонце. Дополнително, тие потврдија дека оваа планета (Проксима б) орбитира во зоната на ѕвездата погодна за живот. Оттогаш се направени многу студии за да се утврди дали на Проксима б би можело да има живот.
За жал, поголемиот дел од овие истражувања не се многу охрабрувачки. Но, во нова студија предводена од НАСА истражувачи испитувале неколку климатски сценарија што посочуваат дека на Проксима б може да има доволно вода за живот.
Да разјасниме, планети како Проксима б се соочуваат со многу предизвици кога станува збор за услови за живеење. На пример, таа би можела да биде предмет на интензивна радијација и соларни ветришта, што би довело до катастрофална загуба на атмосфера и вода. Сепак, има многу нешта за еволуциската историја на Проксима б кои не ги знаеме и постојат сценарија во кои се наведува и можност за живот на планетата.
- Прво и основно, не знаеме дали Проксима б има атмосфера и ако има, дали има вода. Без нив, животот каков што го знаеме не може да постои - објаснува Ентони дел Генио од НАСА, кој ја предводел студијата.
Тој додава дека е можно Проксима б да се формирала без атмосфера или да се формирала со атмосфера, но во ѕвезден систем кој е сиромашен со вода. Или, пак, можеби се формирала со скромна атмосфера и многу вода, или со многу дебела атмосфера. Сè уште не знаеме.
- Како второ, Проксима Кентаур е црвено џуџе. Овие ѕвезди се многу помали и поладни од нашето Сонце, па планетата мора да биде многу блиску до таква ѕвезда за да добива доволно светлина за да има клима во која би имало живот. Проблемот со тоа е што таквите ѕвезди се склони кон тоа да бидат многу активни. Како трето, во нивниот ран живот црвените џуџиња се многу светли и жешки, што значи дека ако Проксима б на почетокот била погодна за живот, можеби се загреала и ја загубила водата пред да може да се развие животот - објаснува Ентони.
Кога станува збор за Проксима Кентаур, блесоците се многу голема грижа. Во последните неколку години беа забележани два особено моќни блесоци. Вториот беше толку моќен, што можеше да се види и со голо око, што посочува дека секоја планета што орбитира околу ѕвездата би можела да остане без атмосфера со текот на времето.
Сепак, како што е посочено во студијата, има многу сценарија во кои Проксима б би можела да биде погодна за
живот.