X
 15.12.2021 Наука

Вселенско летало првпат влезе во атмосферата на Сонцето

Првпат вселенско летало го „допрело“ Сонцето, известуваат од американската вселенска агенција НАСА.

По повеќе од три години од лансирањето, мисијата „Паркер“ поминала низ горниот дел од атмосферата на Сонцето, притоа мерејќи ги честичките и магнетните полиња околу него.

Вселенското летало е големо колку мал автомобил. Тоа треба да направи 21 патување низ короната, најоддалечениот слој од Сонцето, во период од 7 години. Неправилната површина на короната му овозможила на леталото да влезе и да излезе од овој дел од атмосферата на Сонцето повеќепати во период од неколку часа.

„Паркер“ влегол доволно далеку во атмосферата за да види структури кои се гледаат од Земјата при затемнување на Сонцето.


Вселенското летало издржало температура од 1.377 Целзиусови степени благодарение на заштитата околу него. Научниците велат дека инструментите во него се направени од композитен материјал на јаглерод.

Короната е потопла од површината на Сонцето, а научниците мислат дека во атмосферата може да има температури до 1 милион Целзиусови степени, додека на површината тие достигнуваат 5.727 Целзиусови степени.

„Паркер“ беше лансиран во 2018 година.

Извор: Interesting Engineering
Фото: NASA
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука