Отсекогаш постоела популарна теорија за тоа што ќе се случи доколку сите луѓе на Земјата скокнат во исто време. Дали Земјата би се движела? Дали би имало осцилација? Иако никогаш не сме го пробале овој експеримент на глобално ниво, прашањето е доволно интригантно за да го привлече вниманието на научниците.
Грег Фут, научен новинар и водител на „Лабораторијата на Земјата“ на Би-би-си, решил да ја тестира оваа теорија користејќи помала група од 50.000 луѓе на фестивалот Ридинг. Учесниците скокале во исто време, а Фут ги мерел движењата од далечина од околу една милја. Фут изјавил:
-Со малку математика, можам да ги измерам резултатите и да видам што би се случило ако сите луѓе на Земјата скокнат во исто време и дали тоа би ја променило брзината на ротацијата на Земјата.
Според неговите пресметки, доколку сите луѓе на планетата скокнат во исто време, би можело да има минимално поместување на Земјата. Сепак, влијанието би било занемарливо. За да се разбере овој феномен, корисно е да се погледне како земјотресите можат да влијаат врз ротацијата на Земјата. На пример, земјотресот што ја погоди Јапонија во 2011 година успеа да ја забрза ротацијата на Земјата, скратувајќи ги нашите денови за 1,8 микросекунди. Така, теоријата на Фут дека скокот на сите луѓе може да влијае врз ротацијата на Земјата не е целосно без основа.
Би биле потребни многу повеќе луѓе
Меѓутоа, мерењата од експериментот на Ридинг покажале дека скокот на 50.000 луѓе создал земјотрес со јачина од 0,6 степени според Рихтеровата скала, што не е доволно да влијае врз Земјата. Фут заклучил:
-Земјотресите не влијаат врз ротацијата на планетата додека не достигнат јачина од најмалку осум степени, а за тоа би биле потребни седум милиони пати повеќе луѓе отколку што моментално живеат на планетата.
Затоа, урбаната легенда е целосно неоснована. Скокот на сите луѓе на Земјата нема да ја помести планетата или да ја промени брзината на нејзината ротација. Нема вистина во тоа тврдење. Физичарот Рет Алејн, исто така, го разгледал можното влијание на сите луѓе што скокаат во исто време, дури и ако нема промена во ротацијата на Земјата. Според неговите пресметки, ако сите луѓе скокнат 0,3 метри во исто време на исто место, Земјата би се движела околу една стотина од радиусот на атом на водород.
- Откако сите ќе скокнат, ќе „паднат“ назад на Земјата - ќе се движат кон Земјата. За тоа време, Земјата ќе се движи нагоре. Заклучокот е јасен: иако е забавно да се размислува, скокот на сите луѓе нема да има значително влијание врз нашата планета - објаснил Ален.
Извор: klik.hr
Фото: Freepik