X
 15.07.2020 Наука

Неверојатно видео со висока резолуција прикажува како изгледа кометата Неовајс од вселената

На 5 јули астронаут на НАСА успеа да направи прекрасна фотографија, од прозорецот на Меѓународната вселенска станица, од најновиот космички спектакл.

Неодамна откриената комета Неовајс се искачи над хоризонтот пред зори.

- Непосредно пред изгрејсонцето, кометата беше видлива во тој краток временски период кога сè уште беше близу до Сонцето, но Сонцето сè уште беше скриено од Земјата - вели Боб Бенкен, астронаут на НАСА кој неодамна се приклучи на тимот на Меѓународната вселенска станица со ракетата „Кру Драгон“.

Бенкен и неговите колеги направија илјадници фотографии кои графичкиот уметник Сен Доран ги презел од архивата на слики на НАСА и потоа ги претворил во прекрасно видео.

- Земете студен пијалак, исклучете ги светлата, релаксирајте се и пуштете ја снимката на голем телевизор - напиша Доран на својот твитер-профил на 9 јули.

Иако Доран првично споделил верзија на видеото забрзано четири пати, подоцна поставил и видео со ултрависока резолуција на неговиот јутјуб-канал што ја покажува секвенцата во реално време.

Оваа репродукција во реално време им дава на гледачите чувство за тоа како е да се работи на вселенската станица додека летате 400 километри над Земјата со брзина од 28.000 километри на час.



Од НАСА велат дека на 22 јули кометата ќе стигне до најблиската точка до Земјата - оддалеченост од 103 милиони километри, пред да продолжи со својот космички лет. Астрономите очекуваат таа да биде видлива за голо око во текот на темните вечери до почетокот на август.

Важно е да знаете дека кометата нема да се врати за брзо време: нејзината долга орбита околу нашата ѕвезда ќе ја врати во близина на Земјата по околу 6.800 години.

Ако сакате да ја видите, треба да се разбудите пред зората и да погледнете кон небото близу до хоризонтот. Од 14 до 19 јули кометата ќе биде најдобро видлива навечер, околу 80 минути по зајдисонце.

Извор: Business Insider
Фото: NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука