X
 18.09.2018 Живот

Тројно поголема социјална помош од 1 јануари

Правото на детски додаток ќе можат да го остварат 73.500 деца, за разлика од досега кога детски додаток примаа 3.200 деца, а додатокот за образование ќе им биде достапен на 64.316 деца, а досега го добиваа 3.800

Трипати поголема социјална помош, како гарантиран минимален приход, за најголем дел од семејствата во социјален ризик, преквалификација и доквалификација на работоспособните приматели со цел да можат да се вратат на пазарот на труд и да излезат од сиромаштија, како и олеснување на пристапот до детски додаток, предвидува реформата на социјалниот систем што треба да почне да се применува од 1 јануари наредната година, јави МИА.

Согласно измените што ги презентираа денеска премиерот Зоран Заев и министрите за труд и социјална политика и за финансии, Мила Царовска и Драган Тевдовски, четиричлено семејство со едно работонеспособно лице ќе добива 11.700 денари, а семејство со двајца возрасни и две деца - 10.600 денари.

- За повеќе од 70 отсто на корисниците на социјална помош зголемувањето е повеќе од 300 отсто или трипати повеќе од тоа што го добиваат сега. Започнуваме темелни реформи во системот на социјална и детска заштита. Се зголемува социјална парична помош и воведуваме минимален гарантиран приход. Целта е да се усогласи паричниот надоместок што го дава државата со потребите на граѓаните и да им помогнеме побрзо и полесно да излезат од сиромаштија - рече Заев.

Тој додаде дека се олеснува и пристапот до детскиот додаток и се зголемува сумата. Се воведуваат и нови додатоци за поддршка на деца од семејства во системот на социјална заштита и од семејства со ниски примања.

Со олеснувањето на пристапот до детскиот додаток ова право ќе можат да го остварат 73.500 деца, за разлика од досега кога детски додаток примаа 3.200 деца, а додатокот за образование ќе им биде достапен на 64.316 деца, за разлика од досега, кога го добиваа 3.800.

Министерката Царовска смета дека најважно за секоја држава е да инвестира во човечкиот потенцијал бидејќи единствено инвестирањето во луѓето може да ја одржи една нација.

- Токму тоа го правиме. Пренасочуваме средства кон граѓаните кои се во ризик, но треба да ги извлечеме преку нивно ангажирање на пазарот на труд, а на нивните деца да им дадеме шанса за образование и еднаков старт како сите други деца од семејства со повисоки примања - рече Царовска.

Не смета дека зголемувањето на социјалната парична помош, или т.н. гарантиран минимален приход може да ги деактивира лицата од пазарот на труд, со оглед на тоа што сега минималната плата е околу 12.000 денари, затоа што сега со реформата се овозможува семејство во кое има приходи од само една таква плата да добива и детски додаток и додаток за образование, со што вкупно ќе има околу 5.000 денари поголеми примања отколку оние со минимален гарантиран приход.

Како заштитна мерка е планирано и доколку тие што ќе бидат преквалификувани и доквалификувани согласно пазарот на труд двапати одбијат понудена работа, да го изгубат правото на гарантиран минимален приход.

- Ќе се работи и на нивна преквалификација и доквалификација за да може преку оперативаен план да бидат вратени на пазарот на трудот. По преквалификација и доквалификација ќе им биде понудена работа и ако двапати ја одбијат, помошта ќе им биде скратена - рече Царовска.

Премиерот Заев дополни дека државата сака да издвои средства, но тие да одат кај луѓе на кои им се потребни.

Министерот за финансии Тевдовски појасни дека за спроведување на овие реформи за идната година се издвоени 2,2 милијарди денари.

Со зголемување на средствата сакаме да обезбедиме доволно за сиромашните граѓани и ќе бидеме сигурни дека нема да има гладни деца, од една страна, а од друга да се обезбеди можност тие да се извлечат од кругот на сиромаштија, додаде тој.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот