Земајќи ги работите во свои раце, една бабичка од Монтана, САД, се послужила со брилијантен трик за да ги забави брзите возачи во нејзиното соседство.
Таа зела едно столче и застанала покрај локалниот пат во нејзиното соседство во Полсон, држејќи црвена чаша во едната рака и бел фен во другата, покажувајќи им го својот „радар за брзина“ на возачите што поминувале.
Како мајка, а особено како баба на млади внучиња, Пати Форест Баумгартнер била загрижена кога нејзините внуци излегувале на улица бидејќи возачите возеле прилично брзо. И не само што била загрижена за своето семејство, туку и за заедницата воопшто.
- Забораваат да намалат, а постојат многу луѓе што постојано се жалат дека не можат да пешачат, ниту да возат велосипед. Ни јас не би се обидела да возам велосипед кога возачите возат со толкава брзина.
Како дошла до идејата да го искористи фенот за коса за да ја забави брзината на возачите?
- Разговаравме за начините со кои би можеле да ги натераме возачите да ја намалат брзината. Така, одлучивме да седнам на столче и да го искористам фенот како радар за брзина - рече таа.
Нејзиниот син ја фотографира додека таа беше „на должност“ и ја сподели фотографијата со полицијата за да ѝ го привлече вниманието.
Началникот на полицијата, Ноа Песола, бил импресиониран од нејзините напори, така што ѝ понудил значка и војничка капа и ѝ ја доделил титулата почесен припадник на полицијата.
- Не знаев што друго би можел да направам за неа, па затоа се одлучив да ѝ ја доделам таа
титула. Таа придонесува за заедницата - рече тој.