X
 01.05.2017 Култура

Ова е најбараниот и најкористениот материјал ширум светот

Песокот, без дилема, е најбараниот и најкористениот материјал ширум светот. Според податоците на ОН, песокот и чакалот опфаќаат 85 проценити од севкупниот експлоатиран материјал на глобално ниво.

Како што пишува „Економист“, песокот најмногу се користи во градежната индустрија за изработка на асфалт и бетон. Затоа и не зачудува податокот дека Азија е најголемиот потрошувач на песок во светот.

Половината од светската побарувачка на песок отпаѓа на Кина, како резултат на брзината со која се гради во таа земја. Владата проценува дека во периодот од 2011 до 2014, во Кина се изградиле 32,2 милиони куќи и 4,5 милиони километри патишта.

Песокот, исто така има и индустриска намена – се користи при изработка на стакло, во електрониката, при екстракција на масла. Големи количества песок се фрлаат во морињата за да се формира копно. Сингапур, на пример, од 60-тите години на минатиот век ја прошири површината на земјата за 20 проценти токму на ваков начин. Малдивите и Карибите користат песок за подигнување на островите поради порастот на морското ниво.

Обединетите Нации проценуваат дека до 2030 година во светот ќе постојат повеќе од 40 „мегаградови“ кои ќе имаат повеќе од 10 милиони жители, што упатува дека ќе се јави потреба од градење на нови инфраструктури и станови. И нивото на морињата ќе продолжи со својот пораст, така што песокот сè повеќе ќе се бара.
Со оглед на фактот дека песокот се чини дека е сеприсутен во природата, особено во пустините, логично се поставува прашањето како е можно да постои недостаток од овој материјал.

Пустинскиот песок е премногу „мазен“ и главно не може да се употребува за комерцијални цели. Освен тоа, близината на наоѓалиштата на песок до градилиштата е многу важна, затоа што иако се работи за релативно евтин материјал, транспортот на големи растојанија не е економичен. Се разбира, освен во случаите на Сингапур и Катар, кои се богати држави и големи светски увозници на песок.

Повеќето земји имаат правила и прописи за експлоатација на овој природен ресурс. Сепак, зголемената побарувачка предизвикува и стимулира внес на незаконска трговија во многу земји во развој. Тоа резултира со експлоатирање на поголеми количества залихи отколку нивното природно надополнување, што е штетно за околината.

За среќа, постојат и замени за песок: асфалтот и бетонот може да се рециклираат, куќите можат да се градат од слама и дрво, а калта може да се користи за малтерисување. Во богатите земји, владите стимулираат користење на алтернативни материјали во градежништвото.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура