X
 18.09.2019 Образование

Протест на здравствените работници: „Насилството не е решение за проблемите“

Под мотото „Стоп за насилство врз здравствени работници“ денеска претпладне во кругот на Клиничкиот центар се одржа протест во организација на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, како резултат на серијата напади што се случија во изминатиот период врз медицинските работници од страна на пациенти и нивни роднини. Тие проблемот го гледаат во политичката апатија, негрижата и инертноста кон здравствениот систем, кој, велат, континуирано пропаѓа.

- Последниве 30 години свесното и несвесното уништување на здравствениот систем кулминира. Близу сме до крахот на здравствениот систем. Револтот кај граѓаните кулминира и затоа се овие секојдневни инциденти - рече Ненад Лазаров од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.


Фото: МИА

Тој исто така вели дека се свесни оти има некоректен однос на одредени здравствени работници. Прифаќаме, посочува Лазаров, дека проблемот е комплексен, дека постои и во нашите редови, но време е да бидеме заштитени, време е за подобрување на квалитетот на услугите за пациентите.

Неговиот колега Божидар Кочовски рече дека како здравствени работници, бараат создавање на систем кој ќе биде околу пациентот, ќе овозможи подобрување на комуникацијата со пациентите за да се превенираат тие несакани појави и да се слушне нивниот глас.

Тие бараат отворена дебата со властите за да ги адресираат своите проблеми. Испорачаа пет барања – донесување закон за докторска дејност, итно спроведување и законско изедначување на напад врз медицинско лице со напад врз службено лице, полициско обезбедување на сите здравствени установи, особено во ургентните центри, вклучување на младите лекари во носењето на сите здравствени политики и задолжително организирање внатрешен систем на контрола на медицинските работници. Не дадоа конкретен рок до кога очекуваат тие да бидат исполнат, но порачаа дека тој треба да биде кус, оти во спротивно ќе престанат да ја извршуваат својата работа.

Од Синдикатот на Клиничкиот центар велат дека здравствените работници се со пациентите, а не против нив.

- Притоа тие мора да нè почитуваат и да разберат дека не сме семоќни. Истовремено мора и вработените во здравството да се потсетат на етичкиот кодекс, Хипократовата заклетва и не смеат своите нервози, фрустрации и замор да ги изразуваат врз пациентите во никој случај - рече Горан Беговиќ, претседател на Синдикатот на Клинички центар

Побараа 24-часовно обезбедување на секоја здравствена установа во земјава и видеонадзор онаму каде што законските прописи дозволуваат.

Министерот за здравство Венко Филипче, кој даде поддршка на здравствените работници, истакна дека е потребно да се спроведе процес на враќање на довербата меѓу пациентите и здравствените работници, да се упати порака дека со насилство не се решаваат работите.


Фото: МИА

- Со насилство не се решаваат работите. Сметам дека нема никаква логика да се крене рака на здравствени работници кои деноноќно се борат за животите на најблиските. Сите тие пристапи се казниви и се предвидени парични, но и затворски казни. Презедовме конкретни мерки со МВР, ќе има мобилна патрола во регионот на старата градска болница, каде што се случуваат најголем број инциденти, но и други места каде што се третираат голем број пациенти - рече Филипче.

Најави и дополнителни мерки кои ќе го унапредат статусот на здравствените работници, преку зголемување плати, дежурства, услови во кои работат здравствените работници.

- Моето присуство овде е поддршка затоа што ова е нешто што се случува со години наназад. Обезбедувањето треба да биде професионално. Минатата година имавме обиди да обезбедиме некаква форма на професионално обезбедување со оглед на тоа дека обидите да се искористат вработени од јавниот сектор беа неуспешни заради административни пречки, сега се решивме за професионално обезбедување - рече Филипче.

Протестот следува по неодамнешните напади на лекари и медицински персонал во болницата „Свети Наум Охридски“ во Скопје, во Поликлиниката - Драчево, а напади имаше и во Тетово и во Кавадарци.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование