Ние, наставниците, како и училиштата општо земено, ја имаме најтешката задача кога се девијациите во детското однесување во прашање. Децата можат без нас да научат лекција. Не можат без нас да станат добри луѓе
Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште
Модерните животни текови сѐ почесто, во сѐ поголем обем и сѐ подлабоко го етаблираат насилството во различни форми, околности и средини. Секојдневно сведочиме на многубројните изблици на насилно однесување во семејствата, на работните места, на улица и, секако, она што за нас, наставниците, е загрижувачко, меѓу врсниците. Сите ние, како чинители фатени во стапицата на современието, лесно посегнуваме по осуда за другиот, а по оправдание за себе, со што свесно креираме атмосфера во која вината за ваквите појави живее секогаш на друга адреса, но не и на нашата. Така, родителите наоѓаат изговори „пеглајќи“ ја вината на нивните деца кои дома се прекрасни, а врз кои во основа, во времето на искривоколчени вредности, веќе не се моќни да влијаат, наставниците се засолнуваат зад сѐ потешкиот професионален амбиент, во кој е сѐ поневозможно да се дејствува како педагог, а децата креираат свој поглед на нештата во кој да се насилни е нормален тренд кој ги прави „ин“. Во оваа пригода нема да пишувам за мачните општествени околности, кои секако се голем дел од приказната и кои ја испишуваат со својот ракопис. Знам каде и како живееме. Знам и зошто. Но, секако, останувам во уверување дека секој поединец е дел од големата слика и секогаш има два избори: Ќе се вклопи во неа или ќе се обиде да ја поправи. Засега, и за жал, трендот на вклопување ни оди далеку подобро.
Нејсе. Ќе се задржам на врсничкото насилство, кое во нашите училишта се всели многу едноставно и стекна „станарско право“ поради кое, се чини, станува сѐ потешко да се избрка. Децата го прифатија како модерен формат на личен израз, кој им овозможува преку насилие врз послабиот, поинаквиот или според нивна процена, оној што тоа сосема логично го заслужува, да се потврдат себеси како некој со поголема вредност, затскривајќи си го, за жал, комплексот на помала вредност. И тие деца не се виновни – нивното однесување е повик за помош, а ние, фатени во костец со современиево, сѐ помалку го сфаќаме тоа. Затоа сѐ почесто сведочиме на брутално изживување врз соучениците кои не можат да се бранат, а самиот настан, за жал, се „овековечува“ со снимање и задолжително објавување на популарните социјални мрежи. Немо гледаме како насилството станува модел за комуникација кој дефинира само една страна, бидејќи речиси никој веќе не застанува во одбрана на малтретираниот, а сите се трудат со своите мобилни телефони да бидат дел од бруталноста која би требало да ги згрози. Но ете, тоа не се случува. Затоа гледаме и малолетни девојчиња во глува доба како крвнички се тепаат на улица. Гледаме и деца кои опијанети се маваат со стапови во едвај осветлените паркови. Гледаме и младо момче како зад зграда малтретира девојка, удирајќи ѝ шлаканици, додека некој од горните катови го снима тоа со мобилен, но не повикува полиција, не се симнува да ѝ помогне. Оти тоа не е негова работа. Негова работа е да снима и да го објави тоа, за сите ние што ќе го гледаме тоа да имаме со што да се занимаваме и поради што да ги остриме тастатурите. Оти тоа можеме.
Точно е дека времињата се мачни. Точно е дека битката за живот стана исцрпувачка. Но, исто така, е точно и дека токму таа битка за живот го изгуби од вид и животот, и она што тој треба да го подразбере.
Особено насочувањето на младите во вистинската насока. Сѐ помалку култура, емпатија и почит кај нив, сѐ повеќе прифаќање на нивното однесување со немоќ на возрасен кој не успеал. Во основа, не е лесно на детето да му се посочи насока која нуди исправност, ако патоказите предолго воделе во погрешен правец. Не е лесно да му се посочи дека погрешниот воз подразбира погрешни станици, ако машиновозачот е возрасен кој тоа морал да го знае. Но ете, што да прави детето ако на возрасниот му било побитно „возот да оди“.
Сепак, никогаш не е доцна, ако времето се земе како рамка која не постои. Не е доцна. Затоа, што може да се стори?
Пред сѐ, секој родител мора да се потсети себеси дека родителството е обврска која се учи. Со детето расте и родителот. Она што е тој самиот, се гледа во детето и неговото однесување, без оглед на влијанието на средината на која многу често се повикува тогаш кога ќе гледа „скршнување“. Темелот на детската градба како човек е дома и ако е цврст, може да се избори со она на што ќе биде изложен.
Ние, наставниците, како и училиштата општо земено, ја имаме, би рекла, најтешката задача кога се девијациите во детското однесување во прашање. Децата можат без нас да научат лекција. Не можат без нас да станат добри луѓе. Затоа, во училиштата мора да се оди со чекори кои имаат педагошка логика и смисла, во формати кои ќе им помогнат на младите да излезат од стегите на модерното време во кое има место за се, освен за пристојност, за сочувство, за култура и однесување кое се мери не според тоа кого ќе победат, туку кого ќе заштитат.
Тие чекори подразбираат:
1. Учење и учење и учење на децата дека секое насилство е форма на однесување кое има цел да повреди некого - психички или физички и се реализира како вербално насилство, закани и застрашувања. Секако, прифаќање дека во училиштето се случува насилство, што ќе значи дека се подигнува свеста за реалниот проблем.
2. Креирање поттикнувачка средина во која секое дете еднакво ќе може да учи и да се развива, преку сослушување на неговите проблеми (не декларативни заложби затоа што истражувањата покажуваат дека секое четврто дете молчи дека е малтретирано од врсник, а секој шести наставник не презема ништо кога детето ќе му се пожали. Посебна приказна се педагошко-педагошките служби кои сѐ повеќе се оптоварени со задачи од административен тип, а сѐ помалку време имаат за работа „на терен“. За тоа, во некое наредно писание)
3. Развивање сеопфатни програми (не на хартија во рамките на Годишните програми за работа на училиштата, туку живи, реални и ефикасни) кои ќе покажат, пред сѐ, колку насилството во училиштата е распространето и што и колку се прави за да се спречи. Тоа подразбира процедури и постапки за функционирање на системот на заштита на децата.
4. Обуки и на учениците и на наставниците посветени на значењето на превенцијата и надминувањето на насилните ситуации, на воспоставувањето јасни правила во однос на насилството (кои ќе важат за сите еднакво и кои нема да ги поштедат од санкции децата на „мама и тато“), како и на формирање внатрешна заштитна мрежа која обезбедува сигурна клима за секое дете.
5. Воспоставување посилна врска меѓу семејството и училиштето, преку почести ефикасни активности и работа со децата кои потекнуваат од семејства со нарушена воспитна клима (исто така, не на хартија во рамките на годишните програми за работа на училиштата) со што ќе се постигне благовремена мобилизиција која ќе влијае превентивно, а не последователно. Секако, овој аспект мора да ги вклучи и институциите, кои ќе обезбедат поширока рамка за превенирање и справување со феноменот на насилство – центар за социјална работа, полиција, здравствени институции.
Сигурна сум дека ваквите чекори можат да дадат резултат. Секако, бараат многу време, труд и најважното можеби – промена во размислувањето на нас, возрасните. На децата им е потребна поддршка, слобода да ни се обратат кога се немоќни да се одбранат. Времето во кое растат и созреваат, за жал, не им нуди хоризонт кој ќе им покаже како треба да се однесуваат – имаат многу впечатливи модели на однесување кои продуцираат сѐ, само не она што мора да го имаат: љубов и сочувство кон оној со кого делат клупа и со кого растат и созреваат. Додека не ги научиме како да бидат луѓе, ќе пропуштиме да видиме дека и самите се несреќни затоа што не успеваат во тоа.
Ќе завршам со тоа што пак ќе ја повторам онаа прекрасна реченица на една моја ученичка од пред некоја година, кога сфатив дека нешто ја мачи и ја прашав како е: „Добро сум, професорке. Сакам да знаете дека сум добро. Само не сум среќна.“