X
 21.01.2021 Образование

Ученици во четврта година ја бојкотираат наставата. МОН не ја менува одлуката, ќе се полага матура

За жал вчера на состанокот со министрите Венко Филипче и Мила Царовска не успеавме да се договориме околу полагањето матурски испити, немаше приближување на ставовите, напротив, многу ни се различни, вели Бленди Ходаи

Матуранти во средните училишта низ државата, на првиот училиштен ден од второто полугодие ја бојкотираат наставата. Претставниците на Сојузот на средношколци и надлежните не успеаа да постигнат договор околу барањата на средношколците кои сакаат наместо четири матурски испити, да се полагаат два. Надлежните веќе најавија дека испитот на зрелоста ќе се полага од 29 мај до 14.

- Моментално имаме информација дека во голем број на градови имаме бојкот на наставата, учениците едноставно не се вклучија на онлајн-часовите. За жал вчера на состанокот со министрите Венко Филипче и Мила Царовска не успеавме да се договориме околу полагањето матурски испити, немаше приближување на ставовите, напротив, многу ни се различни. Бојкотот ќе трае се додека нашите барања не бидат прифатени од институциите. Според планот, првава недела ќе има бојкот, а потоа можеби ќе го смениме начинот на искажување револт, можеби ќе има протест. Нашето барање е едноставно, матурантите да полагаат мајчин јазик, а вториот предмет да биде оној кој ќе му биде потребен за упис на факултет – вели Бленди Ходаи, претседателот на Сојузот на средношколци на Македонија, за Факултети.мк.

Ставот на Министерството за образование и наука - МОН е дека нема да се прават промени во однос на содржината и начинот на полагање државна матура. Испитот на зрелоста ќе се полага во периодот од 29 мај до 14 јуни. Треба да се полагаат три екстерни предмети – задолжително (мајчин јазик, странски јазик или математика) и уште еден изборен испит за кој се понудени десет предмети. Покрај екстерните, државната матура опфаќа и интерен предмет и проектна задача.

Оваа учебна година, освен досегашните модели на проектни задачи, матурантите можеа да изберат проектна задача во форма на реален личен проект, творба или настан. Согласно оваа новина матурантите во рамките на полагањето државна матура можеа да сработат нешто што е во нивен домен, нешто што сакаат да го прават, а крајната цел беше да бидат креативни и критични, активни и да направат нешто корисно за заедницата, како и да го прикажат својот младински активизам.

Сојузот на средношколци неодамна соопшти дека наставата од далечина оставила штетни последици врз менталното здравје на учениците, како и врз квалитетот на самиот наставен процес.

„Во многу случаи, наставата од далечина беше и дискриминаторска – таа не дозволуваше еднакво учество на средношколците кои немаат пристап до ИКТ опрема или интернет. Сојузот изработи две истражувања кои ги потврдија овие наоди: 80% од учениците онлајн наставата ја оценија со 1, 2 или 3, т.е. ниски оценки. Образовните власти не успеа да се справат со образованието за време на пандемијава. Учениците се` уште пријавуваат проблеми со интернет-конекцијата во нивното училиште, нередовното присуство на голем број ученици и самата (не)валидност на оценувањето од далечина. Во октомври објавивме различни сценарија околу тоа како може да се организира комбинираната настава. Првото предлог-сценарио предвидува делење на класовите во групи кои ќе ротираат дневно или седмично. Второто би му дало право на секој ученик да го избере својот модел, па така би се извршила поделбата во групи. Последното предлог-сценарио би ги поделило предметите на тие што ќе се следат физички и тие што ќе се следат онлајн“, пишува во соопштението на Сојузот.

Фото: Архива
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование