За Фабиен Кусто, внукот на Жак-Ив Кусто, водата е начин на живот. Како заштитник на океаните, Кусто им го посвети својот живот, следејќи ги стапките на својот дедо и обидувајќи се да ги открие мистериите на животот под вода.
Сега, Фабиен има нова цел - да ја создаде најголемата подводна лабораторија за истражување.
Наречено по митолошкиот морски бог, „Протеј“ ќе биде живеалиште за океанските истражувачи што ќе се протега на површина од 370 квадратни метри. Ќе се гради врз основа на наследството на подводните бази кои Жак Кусто ги изградил во 60-тите години. Центарот ќе биде опремен со најсовремени лаборатории и ќе им овозможи на истражувачите да ги обработуваат нивните примероци во реално време. Истражувачкиот центар ќе се наоѓа во близина на брегот Курасао, 18 метри
под вода, со што практично ќе стане меѓународна станица на морето.
- Не само што „Протеј“ ќе обезбеди невиден пристап до океанот за акванаутите и научниците, туку и за целиот свет. Ќе има најсовремена лабораторија што ќе овозможи да се следат предавања во живо преку стриминг-услуги, ќе има врски со социјалните мрежи и интервјуа со медиумите. Неопходен ни е ваков пристап до океанот бидејќи, како што велеше мојот дедо: „Луѓето го штитат она што го сакаат, го сакаат она што го разбираат и го разбираат она за кое учеле“. Без знаење за океанот, како може да направиме значајна промена? - вели Кусто.
Една од возбудливите придобивки на „Протеј“ е тоа што ќе овозможи проширено проучување на животот во длабокото море.
- Живеењето под вода овозможува неверојатна перспектива. Не сте само посетител - вели Силвија Ерл, морски биолог и океански амбасадор од Центарот за проучување на океаните на Фабиен Кусто.
Да се има база под вода значи да се ублажат некои од предизвиците со кои се соочуваат нуркачите. Природата на нуркањето значи дека не можат да поминат повеќе од два-три часа на ден безбедно во подлабоките води.
Во моментов, Кусто и неговиот непрофитабилен Центар за проучување на океаните собираат средства за изградба и управување на базата за првите три години. Се проценува дека за изградба на базата ќе бидат потребни 135 милиони долари. Фабиен се надева дека преку проектот ќе ја подигне свеста за потребата од унапредување и истражување на океаните.
- Иако „Протеј“ се чини како луда идеја, сите што се вклучени во неговата реализација имаат страст, имаат познавање и се храбри. Мора да бидете вклучени во вакво нешто. Предизвикот е уште повозбудлив и покажува дека подводните истражувања се исто толку важни колку и истражувањата во вселената. Ако не и поважни. Иако сум огромен поддржувач на истражувањето на вселената и се надевам дека еден ден ќе ги истражувам и водите на Марс, зошто да одите стотици илјади километри кога можете да нурнете под вода на нашата планета? - вели Фабиен Кусто.
Фото: Instagram