X
 18.09.2021 Издвојуваме

Руска принцеза која пред еден век лекувала болни во Битола стана лик во видеоигра

Направивме едукативна видеоигра за Првата светска војна без да испукаме ни еден куршум. Игра во која се спасуваат војници, без насилство, велат креаторите, а целта е младите да се запознаат со историјата и да се вратат во музеите

Руската принцеза Александара Нарашкина, која за време на Првата светска војна отворила воена болница во битолското село Скочивир за да им помага на ранетите, е „оживеана“ преку видеоиграта за деца и млади „The Rude Awakening“ (расонување, грубо будење). Во ова мултимедијално патување принцезата и француски болничари спасуваат и лекуваат ранети војници во Битола за време на еден од најкрвавите светски судири. Иако мотив на играта е војната која се случувала на овие простори пред повеќе од еден век, сепак, играчите не пукаат ниту еден куршум. За разлика од многу популарни видеоигри кои ги сакаат децата и младите, оваа игра не е насилна. Зад рововите, топовите, разурнатите куќи, мисијата на играчите е да спасуваат ранети војници, да помагаат, да поправаат разрушени објекти и слично. Пренесува порака за живот во мир, а не војна.


Роберт Јанкуловски

Играта ги учи младите да бидат хумани и да помагаат

- Оваа игра е наменета за млада популација од 12 до 20 години зашто сакаме преку овој медиум, видеоигра, кој е најзастапен и најпопуларен кај младите, да им ја доближиме историјата и на еден начин да го вратиме интересот кај нив за музеите. Сакавме да зборуваме за минатото, а да гледаме кон иднината. Да го научиме она што се случувало, што било лошо, за да не се повтори. Децата да прават хумани работи кога ќе пораснат и да размислуваат позитивно, како да помогнат и овој свет да го направат подобар, поубав, а не да дејствуваат деструктивно како што е во голем дел од игрите кои се, за жал, најинтересни за младите, каде што има многу пукање, ограбување, насилство. Оваа игра има хуман агол на гледање - вели познатиот фотограф Роберт Јанкуловски, истражувач на стари фотографии, проект-менаџер на играта за Македонија.



Македонската промоција на видеоиграта, која се подготвуваше две години, а во која се вклучени девет европски партнери, се случи деновиве во киното „Манаки“ во Битола, за време на одржувањето на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ зашто и тие фотографирале за време на војната. Не случајно беше избран датумот 15 септември кога се случила клучната битка за пробивот на Македонскиот фронт, по што за еден месец војната заврши. Целта на проектот е да се зајакне соработката меѓу европските држави и да се спречи да се повтори војна.

Дејството се случува во Битола, покрај Италија, Австрија и Словенија


Играта се состои од четири епизоди кои се случуваат во тврдината Белведере во Лавароне, Италија, Австрија, Јесенице, Словенија и во Битола, каде што играчите спасуваат ранети војници. Со цел градот и околината да бидат прикажани што пореално, Македонскиот центар за фотографија, еден од партнерите, до другите соработници достави стари фотографии и информации за Фронтот.


Епизодата за Битола

- Кога зборуваме за Првата светска војна, Битола не може да се одмине. Била втор најразурнат град по францускиот Верден. Во 1911 година имала 47.000 жители, а по војната на пописот 27.000. Речиси половина од населението го снемало. Не само градот, туку и целата околина од Кајмакчалан, Пелагонија, била место на Македонскиот фронт. Денес има голем број воени гробишта во овој регион затоа што имало доста воени болници каде што ги лекувале ранетите војници. Има еден куриозитет дека руската принцеза Александра Нарашкина формирала воена болница прво во Солун за да им помага на ранетите војници од сојузниците, па потоа формирала воена болница во близина на Скочивир - раскажува Јанкуловски.


Презентација на играта

Четири нивоа на играње за пет часа, ја има и на македонски јазик

Играта ја реализира креативниот центар „Сто и еден процент“ од Рим, партнерите Форте Белведере од Италија, Горњесавски музеј во Словенија и Македонскиот центар за фотографија; ALDA (Франција), Memoire pour la vie (Франција), Светот на невладини организации (Австрија) и Danube Connects (Германија; и Општина Лавароне, Италија.



Почнувајќи од септември, играта ќе биде достапна во сите музеи на проектните партнери во Австрија, Словенија и Македонија. Ќе биде достапна на пет јазици: англиски, италијански, француски, германски и македонски, со четири нивоа на играње за време од пет часа. Играта ќе биде достапна на интернет на почетокот од 2022 година.

Фото: приватна архива

Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме