X
 29.04.2018 Живот

Дали аутизмот е сѐ позастапен или ние сме сѐ посвесни?

Стапката на дијагнози на аутизам во САД сѐ уште расте, покажува извештајот на Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), што е контрадикторно со претходните процени кои велеа дека стапката се израмнува.

И покрај значителниот напредок во разбирањето на основната физиологија на оваа состојба, истражувачите не се сосема сигурни што се крие зад овие флуктуации и дали треба да бидеме загрижени или не.

Од 2007 година, Мрежата за следење на аутизам и развојни попречености при ЦДЦ собира податоци за дијагнози на аутизам од 11 американски сојузни држави, откривајќи тренд кој покажува дека или состојбата станува сѐ почеста или ние сѐ подобро ја забележуваме.

Последните два извештаја, базирани на докази собрани во 2010 и 2012 година сугерираат дека аутизам бил забележан кај едно од 68 деца на 8-годишна возраст, додека во 2008 година бил забележан кај едно од 110 деца.

Студија објавена оваа година посочуваше дека стапката е израмнета во последните неколку години. Но, податоците на ЦДЦ собрани во 2014 година повикуваат на претпазливост и воздржување од тврдење дека зголемувањето на стапката престанало бидејќи било утврдено дека има раст и дека аутизмот бил забележан кај едно во 59 деца. Тоа е зголемување за 15 отсто во споредба со резултатите од претходните извештаи.


Кај поголемиот дел од децата со аутизам во Мериленд, на пример, биле утврдени рани навестувања за развојните проблеми, но кај одвај половина од нив бил дијагностициран аутизмот до 3-годишна возраст, посочувајќи на јаз кој може на некој начин да ја објасни севкупната стапка на дијагнозата.

Во моментов не постојат комерцијално достапни биолошки маркер-тестови или решавачки скенирања на мозокот кои можат да идентификуваат кои новороденчиња најверојатно ќе покажат карактеристики на аутизам подоцна во животот.

Повисоките бројки не значат повеќе деца со аутизам, туку значат дека едноставно го гледаме она што претходно не сме го гледале. Сепак, дали свесноста и подобрениот пристап ги објаснуваат бројките останува отворено прашање.

Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот