Леонардо да Винчи во 1502 година нацртал скица за мост кој во тоа време би бил најдолгиот на светот, 280 метри. Иако тој мост никогаш не бил направен, инженерите од Технолошкиот институт од Масачусетс (МИТ) го тестирале дизајнот за да видат дали би функционирал.
Да Винчи му ја предал неговата иновативна скица на султанот Бајазит Втори, владетел на Отоманското Царство од 1481 до 1512 година, кој барал изградба на мостот преку Златниот Рог во Истанбул. Тоа е залив на границата меѓу Босфор и Мраморно Море, кој ја одделува населбата Галата од Истанбул. Предлогот на Да Винчи не поминал во Истанбул, а на тоа место сега има огромен висечки мост со кабли.
Но, инженерите се прашувале како толку голем мост би бил конструиран според идејата на Да Винчи и го проучувале неговиот цртеж, како и од кој материјал би можел да биде изграден мостот во тоа време. Направиле модел во помал размер за да ја испитаат неговата стабилност и како би реагирал на различни услови. Мостот во времето кога Да Винчи го осмислил би бил сосема ново решение во споредба со тогаш популарните мостови со полукружни камени лакови. На тие лакови требало да се постават јаки столбови како потпирачи на краевите на распонот на мостот за да ја поддржат неговата должина. Но, Да Винчи предложил сплескан лак, кој сепак би ја достигал висината потребна за под мостот да можат да минуваат бродови. Лакот изгледа како голема и развлечена буква Х, со блага угорница за луѓето да можат лесно да одат од Истанбул до Галата.
- Тоа е неверојатно амбициозно - истакна Карли Баст, учесничка во истражувањето која неодамна дипломирала на МИТ.
Таа додава дека тоа би бил мост дури околу 10 пати подолг од типичните мостови од тоа време.
Според Џон Оксендорф, професор по архитектура и градежно и еколошко инженерство на МИТ, тоа решение геометриски е многу софистицирано, со многу повеќе закривувања и тродимензионалности од типичните мостови со лак.
За да може мостот да се стабилизира при странично лулање и земјотреси, Да Винчи нацртал носечките потпирачи на мостот на двата краја на лакот да се спружат нанадвор. Знаел дека во таа област може да има земјотреси затоа што ги имало и порано.
Во тоа време каменот бил основен материјал за изградба на мостови со толкава должина бидејќи дрвото не би било практично. Истражувачите, освен скицата, не нашле никакви детали за изградба на мостот, но сметаат дека тој можеби го планирал спојувањето на камените блокови без цемент.
Фото: CNN
Така, инженерите од МИТ испечатиле 126 блока со 3Д-печатач, кои се вградени во моделот на мостот долг 80 сантиметри. Кога камените мостови со лак биле градени во стар римски стил, биле користени скелиња за каменот да се задржи на место. Скелињата се отстранувале на крајот, откако ќе се поставел клучниот камен. Истражувачите го направиле истото со нивниот модел.
- Кога го поставувавме клучниот камен, моравме да го втиснеме меѓу другите. Тоа беше клучниот момент кога го споивме мостот. Имав многу сомнежи. Кога го ставив клучниот камен, си помислив: „Ова ќе функционира“. И потоа, го извадивме скелето и стоеше. Тоа е моќта на геометријата. Тоа е добро смислено - истакнува Баст.
При претходните обиди за изградба на мост по идејата од цртежот на Да Винчи (на пример, пешачки мост во Норвешка), користени се современи материјали. Оксендорф истакна дека таков мост денес би бил направен од челик или бетон. Но, истражувачите сакале да знаат дали планот на Да Винчи би можел да се оствари во времето кога го нацртал. Инженерите го испробале својот модел и со стимулирање на земјотрес утврдиле дека мостот би
издржал.
На прашањето дали камениот мост на Да Винчи би можел да се користи и денес, Баст истакна дека би го победиле полесните и посилни мостови, базирани на нови материјали, но сепак ја нагласи брилијантноста на идејата на Да Винчи.
- Она што можеме да го научиме од цртежот на Да Винчи е дека обликот на градбата е многу важен за нејзината стабилност. Не само што дизајнот на Леонардо е структурално стабилен, туку е важно да се разбере дека структурата е архитектура. Важно е да се разбере тој дизајн затоа што тоа е пример како инженерингот и уметноста не се независни едно од друго - рече Баст.
Оксендорф истакна дека тимот сакал да дознае дали идејата на Да Винчи навистина би можела да функционира.
- Не би било лесно да се изгради, ни во 16 век, а ни денес, но сега докажавме дека неговите идеи за дизајнот на мостот биле далеку пред неговото време. Малку е веројатно дека таков мост некогаш ќе се изгради поради цената и практичноста, но тоа би можело да ги инспирира идните дизајнери да сонуваат големи соништа - вели Оксендорф.