X
 06.02.2019 Здравје

Навиките во исхраната нѐ убиваат и нас и планетата

Познатото списание за медицина „Лансет“ издаде не едно, туку две апокалиптични предупредувања за нашата храна за помалку од еден месец. Според специјалните комисии на ова списание, самата цивилизација е изложена на ризик од ефектите на сегашниот систем за храна врз здравјето на луѓето и на екосистемите на Земјата.

Оваа недела доаѓа уште едно предупредување од „Лансет“според кое, пандемиите на дебелина и неухранетост се во интеракција со климатските промени и претставуваат егзистенцијална закана за луѓето и за планетата. Современата западна исхрана стана многу штетна и потребна е целосна промена ако сакаме да избегнеме потенцијална еколошка катастрофа. Списанието заклучува дека треба да ја преполовиме глобалната потрошувачка на месо и повеќе од двојно да го зголемиме консумирањето на цели зрна, јаткасти плодови, овошје и зеленчук.

Доказите дека нашата исхрана е најголема причина за климатските промени и загубата на биодиверзитетот сега се најголеми. Глобалниот систем за храна е одговорен за 30 отсто од вкупните емисии на стакленички гасови, само сточниот сектор сам по себе изнесува околу половина од тоа или 14,5 отсто. Современиот западен начин на исхрана предизвикува масти и дебелина кај луѓето, а и другите делови од светот го прифаќаат. Проблемите поврзани со исхраната сега предизвикуваат околу 11 милиони смртни случаи годишно, како што ракот, срцевите заболувања, мозочните удари, дебелината и дијабетесот се шират заедно со нашиот начин на јадење. Се проценува дека повеќе од 800 милиони луѓе се недоволно исхранети и 2 милијарди страдаат од дефицит на микронутритиенти, а истовремено 2 милијарди имаат прекумерна тежина или се дебели. Дури и во посиромашните земји може да најдете дебели луѓе.

Мораме да преземеме нешто и да ги поправиме работите. Таканаречената „референтна исхрана“ објавена во првиот извештај на „Лансет“ предизвикува вознемирување. Ова е теоретски обид да се одговори прашањето: Ако глобалното население достигне 10 милијарди во 2050 година (како што се предвидува), дали ќе има доволно храна за да ги задоволи основните потреби на сите, без да страдаат шумите, без да биде загадена водата и без генерално да се уништи планетата? Одговорот би бил позитивен, но само ако повеќе не ги храниме животните со една четвртина од светското жито.

Референтната исхрана го моделира секое лице на глобално ниво со 14 грама црвено месо дневно, 29 грама пилешко, едно делче од јајце, 250 грама млечни производи, малку маснотии и масло, малку шеќер и продукти со целосни зрна, зеленчук и јаткасти плодови.

Непријатната вистина е дека месото, особено месото од интензивно хранета стока, преработено на начинот на кој генерално се преработува на Запад, е жариште кога станува збор за емисиите на стакленички гасови и лошото здравје.

Иако поединци може да направат разлика со менување на нивната исхрана и може да испратат јасни барања за акција на политичарите, не може да се прецрта системот за храна самостојно. За тоа не се потребни само владите, туку глобален договор.

Проблемот е толку голем и итен што е потребна меѓувладина конвенција.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје