X
 15.10.2023 Живот

Швајцарски градови што вреди да се посетат - изгледаат како да излегле од бајките

Женева е убава и уредна. Исто и Берн. На Цирих секако дека не му недостига ништо, а животот во Базел е повеќе од пријатен. Сега кога наведовме неколку најпознати швајцарски градови во кои животот е повеќе од пријатен, време е да погледнеме некои помали градови што вреди да се посетат.

Шпиц


 

Шпиц е мал град кој се наоѓа во срцето на Швајцарија, сместен на брегот на Тунското Езеро и еден од најубавите европски заливи. Со население од 12.000 жители, овој град е одлична дестинација за оние што сакаат да избегаат од големите метрополи. Шпиц е познат по средновековниот замок од 13 век, спектакуларните лозја и живописните планини што го опкружуваат. Вреди да се посети преку цела година затоа што нуди зимски спортови, фотографирање, пливање и крстосување.

Мирен


 

Мирен е едно од уникатните планински гратчиња на Алпите со поглед на долината Лаутербрунен. Гратче кое изобилува со шарени куќи покриени со мраз во зима и прекрасни цвеќиња во пролет и есен. Гостите можат да уживаат во спектакуларните погледи на околните живописни планини, а градот може да се пофали со тоа дека нема автомобили.

Венген

 

Венген е едно од најубавите гратчиња во регионот Јунгфрау и врвна дестинација за оние што сакаат да ги видат планините во Швајцарија. Местото нуди мирно одморалиште за љубителите на природата, со километарски живописни патеки за пешачење и бескрајни можности за зимски спортови. Во градот нема автомобили, така што посетителите можат да уживаат во сета негова убавина. Љубителите на скијањето сигурно слушнале за овој град бидејќи во него се одржува еден од најпознатите натпревари во дисциплината спуст од Светскиот куп.

Штајн на Рајна

 

Штајн на Рајна е еден од најубавите мали градови во земјата и еден од најдобро зачуваните средновековни градови во Европа. Познат е по своите добро сочувани, извонредно насликани згради со декорирани прозорци, вклучувајќи дрвени куќи и прекрасни пејзажи. Гостите можат да ги истражуваат старите куќи на плоштадот на градското собрание со својата уникатна архитектура и шарени мурали.

Моркот


Моркот е живописен град на брегот на езерото Лугано во швајцарскиот кантон Тичино. Изгласан е за најубав град во Швајцарија во 2016 година и е познат по прекрасните аркади на стари патрициски куќи, како и импозантните згради, малите улици, неверојатните природни убавини и вредните архитектонски споменици. Љубителите на природата можат да го истражуваат прекрасниот парк Шерер со својата бујна суптропска вегетација, додека љубителите на историјата можат да се упатат кон црквата „Санта Марија дел Сасо“, која има прекрасна камена купола, а била изградена во 1700 година.

Извор: b92.net
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот