Нема кратење на платите за минатиот месец кога поради генералниот штрајк, 12 дена не се реализира настава во градинките и во основните училишта
Прифатени се сите препораки на посредникот кој, согласно правните прописи, беше назначен да управува со процесот на преговори за надминување на предизвиците помеѓу Министерството за образование и наука и Синдикатот за образование, наука и култура. Претставниците на двете страни се согласија да има покачување на платите на вработените во основните и во средните училишта за 15 % почнувајќи од септември годинава, а воедно и да нема кратење на платите за минатиот месец кога поради генералниот штрајк, 12 дена не се реализира настава.
МОН и СОНК ги усогласија и ставовите за потпишување нови колективни договори за основно и средно образование кои одат во прилог на унапредување на општествената и економска положба на вработените во двете области. Исто така, утврдена е и нова методологија за постојан раст на платите во образованието, како и спроведување низа други заеднички активности за унапредување на воспитно-образовниот процес во училиштата. Воедно, со тоа се потврди и дека опцијата за надминување предизвици со помош на посредник е ефикасна и ќе овозможи продолжување, но и јакнење на социјалниот дијалог помеѓу МОН и СОНК, кои остануваат фокусирани на градење подобар и поквалитетен национален образовен систем, соопшти Министерството за образование и наука.