X
 18.11.2022 Живот

Декларациите, гаранциите, упатствата за употреба треба да се двојазични, предвидува Законот за заштита на потрошувачите

Собранието неодамна го донесе Законот за заштита на потрошувачите, со кој беа уредени повеќе нешта, а едно од нив е и пишувањето на декларациите, гаранциите и другите придружни документи кои ги добиваме кога купуваме нешто. Имено, Законот сега предвидува декларациите и документите да се напишани на македонски, но и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните во Македонија.

Тоа може да се забележи уште во првата глава од Законот, која се однесува на општите обврски на трговците во потрошувачките односи.

Имено, во членот 6 од Законот е наведено дека трговецот е должен на потрошувачот да му ги даде, на јасен, видлив и читлив начин, а преку амбалажа, приврзок, налепница, упатство, декларација, изјава, сертификат и/или на друг соодветен документ, најмалку следниве точни, целосни и корисни информации за:

1) белезите, квалитетот, начин на употреба и функционалноста на стоките или услугите;
2) влијанието на одредени стоки или услуги врз животната средина и животот, здравјето и благосостојбата на луѓето, како и за мерките за заштита, согласно важечките прописи и стандарди и
3) името или називот, географската адреса и другите податоци значајни за определување на идентитетот на трговецот.

Вториот став од овој член гласи: Трговецот е должен информациите од ставот (1) на овој член на потрошувачот да му ги даде напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, како и на знаци или пиктограми што се лесно разбирливи за потрошувачот.

Во Законот се појаснува дека доколку има сомнеж дали трговецот постапил согласно ставовите од членот, докажувањето е на товар на трговецот.

-Трговецот може да го извести, лично или по писмен пат, со користење на сите расположливи средства за комуникација, потрошувачот или потенцијалниот потрошувач кој изразил интерес за купување производ, за главните карактеристики на производот, начинот на употреба и одржување, технолошките унапредувања и/или карактеристиките на идните верзии на производот - се наведува во законот.

Се додава и дека за да ги информира потрошувачите за главните карактеристики на производот и во согласност со неговата деловна политика или трговска пракса, трговецот може:
- да го демонстрира користењето на производот на продажното место и/или
- да го предаде производот на заинтересираниот потрошувач заради бесплатна проба, тестирање или други форми на аранжмани за проба пред купување, под услов потрошувачот да биде запознаен однапред со условите на таквиот аранжман.

Понатаму, во член 37 од Законот е наведено дека трговецот е должен при испораката на стоката или извршувањето на услугата да му ги предаде и да му ги предочи на потрошувачот документите што ги изготвил производителот, увозникот или продавачот на големо заради полесно и сигурно користење на стоките или услугите (декларација, сертификат, гарантен лист, изјава за сообразност, технички упатства, упатства за склопување, составување и/или монтажа, упатства за користење, листа на овластени сервиси и/или друг соодветен документ). Ставот 2 од овој член пропишува дека трговецот е должен документите од ставот (1) на овој член да му ги обезбеди на потрошувачот напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, како и на знаци или пиктограми што се лесно разбирливи за потрошувачот.

Во однос на гарантниот лист, треба да се издвои ставот 5 од членот 111 во кој се наведува дека „кога гарантниот лист во којшто е содржана трговската гаранција издадена од страна на трговецот или од страна на производителот е на странски јазик, важат единствено условите и одредбите од трговската гаранција на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, освен доколку со трговската гаранција издадена на странски јазик не се предвидени поголеми права на потрошувачот“.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот