X
 25.01.2023 Наша тема

„Без додаден шеќер“ не значи дека во производот нема шеќери, а на емулгаторите не треба да гледаме со недоверба, вели проф. д-р Јана Клопчевска од ТМФ

Читајќи ја декларацијата, потрошувачот може да го направи вистинскиот избор, но таа сѐ уште е предмет на дискусија во однос на тоа што потрошувачот сака да внесе, што добива, а што реално очекува од производот.  Практично декларацијата може некому да му појасни многу, а некому и да не му значи ништо, вели проф. д-р Клопчевска

Eмулгатори, стабилизатори, адитиви и слично. Сигурно сте погледнале на пакувањето на вашиот омилен прехранбен производ или напивка и сте се запрашале што ли значат тие кратенки напишани на декларацијата. Потрошувачите често мислат дека штом ги има овие суровини, станува збор за т.н. штетен производ, но речиси и да нема производ со подолг рок на траење, а практично да не содржи некоја од овие состојки. Тие се, сепак, составен дел при формирањето на производот, било тоа да е неговата боја, текстура, конзистенција и слично.

- Токму така се прават грешки, но реално не може секој потрошувач да знае или да ја разбира декларацијата. Грешките најчесто се прават бидејќи ова е тема за која сѐ уште треба да се дискутира поотворено и која идните генерации потрошувачи мора да ја совладаат уште од мали нозе или од основното образование - вели проф. д-р Јана Клопчевска од Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, со која разговаравме на храната, нејзините состојки и сл.

Храната, нејзиниот квалитет и безбедноста била тема на нејзините студии на Катедрата за прехранбена и биотехнологија на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ. Подоцна на истата катедра го продолжила образованието како магистер по биотехнологија. Проф. д-р Клопчевска со практично искуство се здобила работејќи во „Алкалоид“ АД, Скопје и во Агенцијата за храна и ветеринарство, по што на Универзитетот во Марибор се стекнала со титулата доктор на науки, а по шестмесечниот ангажман на Медицинскиот факултет во Салцбург, Австрија, стана вонреден професор на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ во Скопје.

 Проф. д-р Јана Клопчевска

Декларацијата може некому да му појасни, а некому да не му значи ништо

При креирање на етикетата на производот, основно што мора да се внимава се здравствените тврдења пропишани од страна на Европската асоцијација за храна и безбедност (EFSA). Она што би морало да биде јасно за потрошувачите е дека производителот е должен прописно да ја креира етикетата, со калориски вредности, составот на производот и да го сподели соодносот на масти, јаглехидрати, протеини и слично, односно да ги специфицира суровините во целост.

- За да не дојдеме до погрешни мислења, практично сѐ што е наведено на самата декларација производот го содржи и во превод - тој не може да содржи нешто што не е наведено. Значи, декларацијата ни дава целосна слика. Читајќи ја декларацијата, потрошувачот може да го направи вистинскиот избор, но таа сѐ уште е предмет на дискусија во однос на тоа што потрошувачот сака да внесе, што добива, а што реално очекува од производот.  Практично, декларацијата може некому да му појасни многу, а некому и да не му значи ништо. Сѐ зависи од нашето знаење, интерес и следење на информациите во однос на храната - вели проф. д-р Клопчевска.

Мене како експерт не ми е лесно при изборот на производи

Професорката честопати одбира храна читајќи ја етикетата и самата доаѓа во дилема околу тоа што е појдовна точка кај новите производи. Нејзината тенденцијата оди во насока на суперхрана или храна која ќе ги задоволи сите наши потреби во текот на денот. Така барем таа се труди да креира иновативна храна во оваа насока секогаш кога соработува со прехранбената индустрија кај нас.

- Ако сакам производ што ќе ги задоволи моите дневни потреби за првиот оброк и сметам дека шеќерите треба да ги внесувам само наутро, практично ја читам етикетата на некој протеински бар во делот за здрава храна и следам што содржи од шеќери. Потоа, кои се составни компоненти на производот, дали сакам да внесам масти, дали има и какви масти има. Можеби ме интересира што содржи од витамини, па и минерали и во колкава количина се тие. Најчесто потрошувачите ги интересира бројот на калории/Кcal или да внесат што помалку калории со производот, а не се обрнува внимание на тоа што тој содржи. Можам да кажам дека ниту за мене како експерт не е лесно при изборот на производи - објаснува проф. д-р Клопчевска.

Терминот „без додаден шеќер“ не кажува дека во производот нема шеќери

За етикетата да биде јасна за потрошувачите, професорката наведе конкретен пример за еден производ (декларација погоре), каде што може да се види дека е наведен терминот % Daily Value. Тоа претставува ознака за препорачаните количини хранливи материи кои треба да се консумираат или да не се надминуваат дневно, додека пак % е ознака за тоа колку една хранлива материја во една порција индивидуално пакувана храна или додаток во исхраната придонесува во секојдневната исхрана.

- Во наведениот пример се работи за сладок асортиман или десерт со вкус на торта од сирење, каде што може да се види дека тој содржи протеини (изолат), оризови протеини, скроб, прашок за шортенинг, приодни додатоци за вкус, малтодекстрин, сол, конзерванс, ксантан гума (природен биополимер), стевија и додатен засладувач. Ваквите поими доколку не се разберат соодветно, а ги има доста, можат да го доведат потрошувачот до заблуда - посочува проф. д-р Клопчевска.

Таа продолжи со објаснување на одредени термини кои обично луѓето ги асоцира на здрава исхрана.

- Терминот „без додаден шеќер“ ни кажува дека самите суровини и нивната комбинација се такви што согласно EFSA, односно здравствените тврдења, во производот нема додадено дополнителни шеќери, но терминот не кажува дека во производот воопшто нема шеќери. „Со сончогледово масло“ е ознака која само го нагласува потеклото на мастите за да потенцираме дека нема масти од типот на палмини и слично, додека пак „ниски масти“ ни појаснува дека повторно согласно здравствените тврдења, производот има масти, но нивната содржина е согласно правилата - продолжува професорката.

Не би требало да гледаме со недоверба кон најчестите емулгатори на храна

Полиглицерол естери (PGE), пропилен гликол естери (PGMS), стеароил лактилати, сахароза естери, сорбитан естери и полисорбати се најчестите емулгатори на храна добиени од масни киселини. PGE се користи во колачи и глазури, маргарин и масла за салати, додека PGMS е во преливи, сосеви и слично. На овој начин проф. д-р Клопчевска влезе во подлабока анализа на листата со состојки што одреден прехранбен производ би можел да ги содржи.

 

- Тоа се практично додатоци во производите каде што имаме потреба да измешаме две немешливи фази или масло и вода со цел производот да биде целосно хомоген и прифатлив за потрошувачот. Тие се дозволени во одредени количини, но релативно е тоа дали се штетни или не. Би кажала дека не би требало да гледаме со недоверба бидејќи голем дел од нив се изолирани или добиени и од природни извори, како растенија и слично. Сепак, не треба да се консумираат во големи количини, односно треба да се внимава и да се балансира исхраната.

Да се практикува избалансирана исхрана

Професорката посочува дека кај производи од животинско потекло, би требало особено да се внимава на рокот на траење, додека пак кај некои суви прашести производи и слично, согласно нивниот состав, може да го надминеме рокот.

- Сите ние сме користеле производи со поминат рок. Некои од нив довеле до несакани последици од типот на дијареја, повраќање, некаква интоксикација, стомачни тегоби и слично. Секако дека треба да се внимава на рокот бидејќи за да се одреди тој, постојат два начина, и тоа: интуитивно и да се симулира во лабораторија и да се направи анализа на рокот за подолг временски период, по што со сигурност би знаеле колку е. Може да се прочитаат и литературни податоци за него, но сѐ зависи од тоа за каков вид производ се работи. Некаде и не сме свесни за развојот на микроорганизми по надминувањето на рокот бидејќи не можеме да ги видиме на одредена амбалажа, а тие може да ни бидат индикатор дека производот е веќе надвор од употреба - вели проф. д-р Клопчевска.

За крај, професорката порача: Се препорачува да се практикува избалансирана исхрана по препорака на самиот организам, а во согласност со старосната граница, начинот на живот, социо-економските, климатските можности и слично и, секако, исхрана со автохтони намирници.

 Фото: приватна архива

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема