X
 18.11.2022 Култура

Кои детали од новата сезона на „Круната“ се измислени?

Историската драма „Круната“ (The crown), која го следи животот на кралицата Елизабета Втора, е една од најпопуларните серии на „Нетфликс“. Неодамна излезе петтата сезона, а многумина се прашуваат дали сите делови од неа се случиле и во реалноста. Вистината е дека има некои настани што се измислени во оваа сезона.

Планот на Чарлс да ја принуди кралицата да абдицира

Еден од најконтроверзните моменти во последната сезона е настојувањето на Чарлс да ја принуди мајка си да абдицира. Се прикажува како Чарлс разговара за ова со тогашниот премиер Џон Мејџор. Меѓутоа, вистината е дека немало таква иницијатива во реалноста, што било потврдено од кралски извори.

Принцот Филип ја предупредил Дијана пред објавувањето на нејзината книга

Во петтата сезона, принцезата Дијана соработува со авторот Ендру Мортон на книга која ја открива нејзината страна на приказната. Откако принцот Филип дознава за книгата, ја предупредува Дијана да не пушта „валкани алишта“ во јавноста. Според историчарите, Филип не се соочил со Дијана пред објавувањето на книгата, туку ја прочитал потоа. Потоа имало разменување на писма помеѓу двајцата во кои принцот барал да се најдат начини за одржување на бракот во очите на јавноста, иако приватно прифатил дека не им оди добро.

Кралицата и принцот Филип прегрнати во урнатините на Виндзорскиот замок

Во сцените на драматичниот пожар во Виндзорскиот замок се прикажува како кралицата трча во својот дом додека околу неа беснее оганот. По гаснењето на пожарот, Елизабета и принцот Филип се прикажани во прегратка. Експертите се сомневаат дека овој момент воопшто се случил. Впрочем, единствениот член на семејството кој бил таму бил принцот Ендру.


Фото: Youtube (printscreen)

Дијана ја известува кралицата за своето интервју

Во една епизода од новата сезона Дијана дава бомбастично интервју за Би-би-си. Потоа се гледа како Дијана ја известува кралицата за интервјуто, што е настан кој не се случил, потврдил поранешниот секретар на Дијана, Патрик Џефсон. Во реалноста, Џефсон бил тој што го известил секретарот на кралицата за интервјуто само неколку секунди пред тоа да биде прикажано.

Коментарот на Дијана за нејзината иднина како кралица

Во интервјуто на Дијана за Би-би-си, одредени делови се измислени во серијата. На прашањето дали некогаш ќе стане кралица, во серијата Дијана одговара дека не се гледа како кралица. Во вистинското интервју, таа изјавува дека мисли дека многумина не сакаат да стане кралица, а под многумина мисли на системот во кој се венчала.

Џон Мејџор бил посредник во разводот на Чарлс и Дијана

Во петата сезона кралицата го замолува премиерот Џон Мејџор да биде посредник во разводот помеѓу Чарлс и Дијана. Тој ја прифаќа понудата и им помага на двајцата да стигнат до спогодба. Во реалноста, тој се обидел да го спречи распаѓањето на бракот, но не се мешал во разводот.


Извор: Klix
Насловна фотографија: Youtube (printscreen)
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура