X
 18.12.2018 Живот

Во 2017 година само 5 отсто од Македонците волонтирале

Излезе најновиот извештај од „Галуп“, Извештајот за највеликодушните земји во светот за 2018 година, а според него, Македонија се наоѓа на дното.

Истражувањето не било направено врз основа на тоа колку граѓаните на една држава финансиски издвојувале за сиромашните бидејќи по тој критериум САД и другите богати земји би биле највеликодушни во светот, што не би дало правилни резултати. Голема е веројатноста граѓаните на некои сиромашни земји да даваат и повеќе кога би имале поголеми примања или подобра економска ситуација.

Агенцијата „Галуп“ не анализирала колку граѓаните давале, туку колку од нив биле подготвени да им помогнат на другите. Оваа година во истражувањето биле вклучени 146 земји низ светот.

2
Фото: Gallup


Според истражувањето во 2017 година, највеликодушни земји биле Индонезија и Австралија, а по нив следувале САД и Нов Зеланд.

Како се спроведувало истражувањето?

За да се дознае нивото на великодушност, односно да се измери индексот на граѓански ангажман, агенцијата на жителите на некои земји им поставила три прашања:

1. Дали во последниот месец сте дале пари за добротворни цели?
2. Дали во последниот месец сте волонтирале во некоја организација?
3. Дали во последниот месец сте помогнале на непозната личност или на личност во неволја?

Според резултатите од анкетите, во 2017 година 1,4 милијарда луѓе донирале пари за добротворни цели, речиси милијарда луѓе волонтирале, а 2,2 милијарди му помогнале на некој што не го познаваат.

Иако агенцијата забележала силна корелација, односно поврзаност помеѓу граѓанскиот ангажман и БДП, тоа автоматски не значело дека најбогатите земји се истовремено и највеликодушни. Така, Индонезија, која спаѓа меѓу средно богатите земји, во 2017 година беше на врвот на листата, а сиромашните земји како Кенија или Мјанмар сепак добија место меѓу највеликодушните земји во светот.

Македонија на дното

За жал, Македонија заедно со Хрватска, Турција, Авганистан и уште неколку земји, се најде меѓу најневеликодушните нации. На последно место се најдоа Грција и Јемен.

Во Македонија, само 5 отсто од граѓаните изјавиле дека волонтирале, а само 30 отсто им помогнале на непозната личност во неволја.

Земји со највисоки поени за великодушност:

1. Индонезија
2. Австралија
3. Нов Зеланд
4. САД
5. Ирска
6. Велика Британија
7. Сингапур
8. Кенија
9. Мјанмар
10. Бахраин
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот