15.09.2020
Здравје
Третина од заболените од Ковид-19 имале здравствени компликации, а во последната недела има и повеќе починати
Министерството за здравство информира дека согласно извештајот на Институтот за јавно здравје кој се однесува на периодот од 7 до 13 септември 2020 година, тестирани се вкупно 8.353 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, 14,2% помалку во споредба со минатата недела.
Регистрирани се вкупно 705 нови позитивни случаи од 33 града во државата, што претставува намалување од 10,8% во споредба со минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (28,7%). Во истиот период, во 17 града, бројот на новодијагностицирани е под 20. Процентот на позитивни случаи од тестирани изнесува 8,4% или 0,3 % повеќе отколку во претходната недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица над 60 (22%). Голем број заболени се регистрирани и кај лицата во возрасните групи: 50-59 и 30-39 (19,3%), 40-49 (15,2%) и 20-29 (14%). Најмал број е регистриран кај деца од 0 до 9 (2,7%) и од 10 до 19 години (5,1%).
Од случаите што се епидемиолошки истражени (96,6%), регистрирани се 127 (18,6%) хоспитализирани, што е намалување од 3,8% во споредба со минатата недела, а кај 227 (33,3%) лица е регистрирано присуство на коморбидитети.
Од вкупниот број нови случаи, 221 (31,3%) имале контакт со потврден случај. Регистрирани се 32 лица со историја на патување (во последни 14 дена).
- По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 709 лица што биле хоспитализирани или на домашно лекување - информираат од Министерството за здравство.
Пријавени се 27 смртни случаи од 12 града, 7 повеќе споредено со минатата недела. Во однос на возраста, 19 лица биле над 60 години, 6 на возраст од 50 до 59 и два од 40 до 49 години. Од починатите 25 лица биле хоспитализирани. Коморбидитети се регистрирани кај 23 починати лица.