Фото: Pixabay
Извештајот на Европската комисија за Системот за брзо предупредување на опасни непрехранбени производи, покажа дека националните власти во 2017 година повеќе од 2.000 пати предупредиле на опасни производи.
Листата на откриени и повлечени опасни производи од пазарот најчесто се играчки, автомобили и мотоцикли и популарниот „спинер“. Производите на кои се предупредува најчесто доаѓаат од Кина.
Европската комесарка за правда, потрошувачи и полова еднаквост Вера Јурова, за време на презентацијата на извештајот истакна дека европските потрошувачки права гарантираат дека во ЕУ се продаваат само безбедни производи, иако тоа не е случај. Системот за брзо предупредување истакнува дека властите веднаш реагираат и го отстрануваат секој производ што може да предизвика повреда.
„Благодарение на овој систем, ги штитиме нашите деца и спречуваме сообраќајни несреќи со фатален исход на нашите патишта. Ова е добар пример за ефикасно спроведување на потрошувачката политика на ЕУ“, истакнува таа.
Системот за брзо информирање за опасни производи во 2017 година упатил 2.201 предупредување што иницирало речиси 4.000 мерки, како повлекување на производ од пазаот.
Како што е наведено, потрошувачите сè повеќе ги купуваат производите од трети земји, а голем дел од производите кои се вклучени во системот се продаваат преку онлајн платформи.
Производите што во 2017 година биле потенцирани како опасни се играчките (29 отсто), моторните возила (20 отсто) и облеката, текстилот и модните производи (12 отсто). Во однос на ризикот, најчесто се предупредувало на ризик од повреда (28 отсто), а потоа на опасност од хемикалии (22 отсто).
Опасните производи на кои е предупредувано воглавно доаѓаат од земји надвор од ЕУ. Кина е повторно на прво место. 53 отсто од производите потекнувале од оваа земја.
Новиот извештај на ЕК покажа дека 26 отсто од опасните производи се со потекло од ЕУ.
Системот за брзо предупредување на опасни непрехранбени
производи функционира од 2003 година. Во него учествуваа 31 земја - 28 земји-членки на ЕУ и Исланд, Лихтенштајн и Норвешка.