Сѐ е во вашата глава - сигурно многу пати сте ја слушнале оваа реченица и веројатно секојпат ве нервирала.
Што значи тоа, дека измислувате? И да и не.
Ова значи дека вашата реалност може да биде измислена. Но, тоа значи и дека можете да измислите подобра. Ако сето тоа е во вашата глава, ако си го труете животот со вашите токсични верувања и размислувања, тоа значи дека имате моќ да ги промените тие верувања и да се ослободите од нив.
Не сте доволно добри
Не сте единствени со ова верување, мнозинство од луѓето страдаат од ова токсично размислување. Не сте доволно добри за родителите, не сте ги исполнувале нивните очекувања, не ги исполнувате сопствените очекувања, ниту очекувањата на луѓето во кои се заљубувате. Секогаш се заљубувате во оние што ќе ве критикуваат и ви покажуваат дека не сте доволно добри.
Вистина е дека можеби не сте доволно квалификувани за работата што ја сакате или можеби не сте вистинската личност за некого, но тоа не значи дека не сте доволно добри, туку значи дека таа личност не е за вас. Клучот за ослободување е да сфатите дека овој начин на размислување е ограничувачки и дека не смеете да дозволите да ве парализира и да ве натера да се откажете од она што го сакате.
Сите ве напуштаат
Тоа е уште едно вообичаено токсично верување - верувањето дека сите на крајот ќе ве напуштат, што се развива од проблемите со напуштање во детството. Можеби некој ве оставил, или сте изгубиле некој близок и сте го доживеале тоа како напуштање. За да го заштитите вашето срце, сте изградиле ѕидови и го повторувате сценариото повторно и повторно за да не бидете напуштени од оние што ги сакате, со кои сте се зближиле и за кои сте направиле место во вашиот живот. Несвесно ги саботирате вашите врски за да се случи ова сценарио. Тоа се изразува преку недостиг на доверба во партнерот и одбранбен начин на размислување.
За да ги решите проблемите со напуштањето, прво треба да дојдете до коренот на тоа и да откриете како сето тоа започнало и колку внесувате во вашите врски. Самосвеста и интроспекцијата во односите се од клучно значење за започнување на заздравувањето. Вашите врски може да завршат поради многу причини, но има огромна разлика кога ќе погледнете наназад и ќе знаете дека сте дале сѐ од себе и не сте дозволиле вашите ограничувачки верувања и несигурности да ја дефинираат врската.
Фото: Freepik
Мора да се борите за да го добиете она што го сакате
Веруваме во изјавите дека животот е неправеден, дека добрите работи се добиваат само со жртвување и болка и дека мора да се бориме. Ова верување не е токсично, но нè поткопува на суптилни начини - ако нешто добиеме лесно, ние не го цениме и се сомневаме во таквиот успех.
Го цениме само она за кое сме се труделе, напорно сме работеле и страдале, бидејќи само така чувствуваме дека заслужуваме успех. Ваквиот менталитет нè спречува да сонуваме големи соништа и да го следиме своето срце затоа што сме условени да се бориме и да се стремиме да го добиеме животот што го сакаме.
Немате право да се откажете
Општествените вредности го осудуваат откажувањето и ги величаат истрајноста и упорноста. На секој чекор сме бомбардирани со пораки како: „Никогаш не откажувај се“ затоа што откажувањето се смета за губење. Но, понекогаш откажувањето е единствената разумна опција и најдоброто нешто што можете да го направите за себе. Кога немате енергија или мотивација да продолжите, кога чувствувате дека упорноста ви ги троши животната енергија и радоста, откажувањето е чин на љубов кон себе. Во ред е да ставите крај на неисполнета врска, да дадете отказ од работа што ве исцрпува или да се откажете од една цел и да си поставите друга.
Мора да бидете подобра личност
Современата култура постојано налага да работите на себе и постојано да се подобрувате. Мора да бидете подобри и поголеми, а тоа значи дека не сте доволно добри и полни сте со мани и слабости кои треба да ги поправите. Но, треба да се прифатите себеси си со сите ваши недостатоци и слабости. Можете да се сакате себеси такви какви што сте и во исто време да работите на себе, за да растете и да ги развивате своите потенцијали и капацитети - од љубов, а не за да заслужите љубов.