Поголемиот дел од финансиските совети се сведуваат на листа со механички навики: заработувајте повеќе пари, трошете помалку, почнете да инвестирате пред да се почувствувате подготвени и слично. Иако се добронамерни, ваквите совети често се погрешни.
Истражувањата од областа на бихевиоралната психологија што се занимаваат со создавање богатство покажуваат дека долгорочните финансиски резултати многу помалку зависат од тоа колку луѓето знаат, а многу повеќе од тоа како се психолошки насочени кон времето. Поточно, кон разликата меѓу личноста што се денес и личноста што ќе бидат за 10 години.
Луѓето кои во текот на животот акумулираат богатство не се подисциплинирани, ниту подобро информирани од другите. Она што им е заедничко се две психолошки особини кои функционираат речиси под нивото на свесното носење одлуки.
Одложување на задоволството без чувство на откажување
Класичните совети за штедење често се засноваат на силата на волјата: да се стиснат забите и да се каже „не“.
Меѓутоа, луѓето што со текот на времето стекнуваат богатство главно не го доживуваат тоа на тој начин. Кај нив склоноста да ги ставаат идните награди пред моменталните е помалку прашање на дисциплина, а повеќе природна ориентација.
Оваа особина психолозите ја нарекуваат одложување на задоволството. Децении истражувања покажаа дека тоа е еден од најсигурните показатели за финансиските резултати.
Она што ги разликува успешните штедачи не е тоа што посилно се борат против искушенијата. Разликата е во тоа што ги организирале своите финансиски одлуки така што искушението ретко кога воопшто станува момент на одлучување.
Автоматските уплати на штедните сметки, одложените рокови за плаќање и малите навики кои го отежнуваат импулсивното купување се примери за таканаречената бихевиорална архитектура, а не за самоодрекување.
Целта е стандардниот избор да биде насочен кон иднината, така што моментот на одлука да не изгледа како жртва.
Интересно е што истражувањата во оваа област често се критикувани поради тоа што недоволно го земаат предвид влијанието на опкружувањето врз самоконтролата и контролата на импулсите.
Луѓето што се финансиски несигурни имаат сосема рационални причини повеќе да ја вреднуваат сигурната награда денес отколку неизвесната корист во иднина.
Одложувањето на задоволството не е само прашање на личноста. Тоа е и показател за тоа колку некој верува дека иднината навистина ќе ги донесе ветените придобивки. Поради тоа, развивањето на оваа навика делумно подразбира и изградба на финансиска стабилност која иднината ја прави доволно сигурна за да вреди да се инвестира во неа.
Размислувајте за парите преку системи, а не преку поединечни настани
Втората навика е помалку забележлива, но исто толку важна. Тоа е способноста финансиските одлуки да се набљудуваат како дел од поширок систем, а не како изолирани настани.
Кога поголемиот дел од луѓето ќе се соочат со купување или со инвестициска одлука, обично поставуваат прашања како:
„Дали е ова добра понуда?“
„Можам ли да си го дозволам тоа?“
„Дали ова ќе ме усреќи?“
Луѓето кои создаваат богатство главно поставуваат поинакво прашање:
„Дали ова се вклопува во образецот што го градам?“
Ваквиот начин на размислување е поврзан со психолошкиот концепт познат како апстрактно ниво на размислување. Тој ја подразбира способноста човекот да се оддалечи од непосредните детали и одлуките да ги согледа преку нивното долгорочно и пошироко значење.
Луѓето кои размислуваат на ова ниво не мора да имаат повеќе знаење за финансиите. Тие едноставно имаат навика секоја одлука да ја сместуваат во поширока приказна за тоа каде сакаат да стигнат.
Купувањето тогаш не е само купување. Тоа станува една точка на патот по кој се движат. Поради тоа, секоја одлука се проценува според тоа дали го поддржува тој правец или претставува скршнување од него.
Ваквата системска ориентација често доведува и до своевидно обратно ментално сметководство.
Наместо парите да ги делат во посебни категории со кои се управува по различни правила, луѓето со системски пристап сите финансиски одлуки ги набљудуваат како дел од еден фонд и еден збир на принципи.
Резултатот е поголема доследност во финансиското однесување. А токму таа доследност со текот на времето се акумулира на ист начин како и каматата.
Што ги поврзува овие две навики?
На прв поглед, одложувањето на задоволството и системското размислување изгледаат како две различни вештини.
Меѓутоа, тие имаат заеднички психолошки корен. Тоа е способноста иднината да се доживее како нешто реално и присутно уште денес.
Луѓето што природно чувствуваат дека нивното идно „јас“ е реална и континурана верзија на самите нив, а не некоја далечна апстракција, почесто носат одлуки за кои еден ден ќе си бидат благодарни.
Поради тоа, финансиските совети кои се фокусираат исклучиво на техничките детали често не даваат трајни резултати. Табелата во Ексел сама по себе не го менува основниот начин на размислување. Навиките опишани во овој текст не се толку техники колку што се животни склоности.
Со други зборови, тие го претставуваат начинот на кој се однесуваме кон времето, неизвесноста и сопствената иднина.
Можат да се развиваат и да се зајакнуваат, но првиот чекор е да обрнеме внимание на сопствените реакции.
Кога ќе се појави финансиска одлука, дали нашиот прв импулс е да ја набљудуваме изолирано – или да се запрашаме каде таа се вклопува во пошироката приказна на нашиот живот?
Извор: forbes
Фото: magnific