X
 15.08.2019 Живот

На руско-норвешката граница откриени честички од радиоактивен јод

Норвешка врши анализи на откриените помали количества радиоактивен јод во воздухот во северниот дел на земјата, по само неколку дена откако во Русија дојде до смртоносна експлозија при тестирање ракета.

Руската нуклеарна државна агенција Росатом во саботата соопшти дека во експлозијата загинаа пет лица и дека несреќата вклучувала „изотопски извори на енергија“, не давајќи повеќе детали за инцидентот.

Норвешката агенција за радијациска и нуклеарна безбедност (ДСА) соопшти дека на мерната станица во Сванховд, на самата граница со Русија, забележала честички од радиоактивен јод.

Примероците биле собирани од 9 до 12 август. Несреќата се случи на 8 август на северот од Русија.

- Засега не е можно да се одреди дали последната детекција на јод е поврзана со минатонеделната несреќа во регионот на Архангелск. ДСА продолжува да собира примероци и да изготвува анализи - наведе норвешката агенција.

Вакви мерења на зрачење не се невообичаена појава во Норвешка, а нејзините мерни станици откриваат радиоактивен јод шест до осум пати во текот на годината, иако изворот на честичките најчесто останува непознат.

Руската државна метеоролошка служба во вторникот соопшти дека степенот на зрачење во градот Северодвинск од минатиот четврток е зголемен за 16 пати, а лекарите што им давале помош на жртвите во несреќата се испратени на дополнителни прегледи во Москва, соопшти Тасс.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот