Според етнологот Јакимовска, во сите овие народни обичаи има прецизно дефинирани улоги, на пример, главниот кум го чува крстот една година, од едни до други Водици, а менувањето на кумството се врши според строго установен ред, најчесто по старост
Црковното чествување на овој празник е врзано со крштението на Исус Христос од свети Јован Крстител во водите на Јордан. Но, овој празник има и народно верување, или етнолошки толкувања кои се присутни со векови меѓу луѓето. Кои се најважните елементи од тие традиционални верувања, како настанале и какво е толкувањето на водата низ овие народни обичаи?
Етнолозите објаснуваат дека дванаесетте дена од Божиќ до Водици се наречени „некрстени“ или „погани“, кога на земјата шетаат разни демони, вампири и караконџоли и дека не е случајно што овој период, како и целиот циклус на зимски празнувања, завршува со празник чиј главен симбол е водата и нејзината прочистувачка моќ.
Професор Илина Јакимовска, раководител на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ги објаснува народните обичаи на овој ден.
- Токму тоа, како и самото име на празникот, нè наведува да помислиме дека под слоевите на христијанството се крие подревно славење на природата - луѓето од минатото можеби не знаеле доволно да ја „експлоатираат“ во сопствена полза, не знаеле за хидроцентрали и хидраулика, но за разлика од нас, повеќе ја почитувале водата, однесувајќи се кон неа со мешавина на благодарност и страв. Ритуалното потопување на телото во вода има исцелителна и иницијациска улога и симболизира повторно раѓање. Во христијански контекст, токму тоа е и симболиката на крштевањето, кое претставува духовно раѓање на покрстениот и негово вклучување во христијанската заедница (и тоа не само во православното христијанство) - објаснува таа.
Професор Илина Јакимовска
Мажите од „кумпании“ биле чувари на семејствата
Според неа, оттаму и празникот Водици е наречен Богојавление, бидејќи се однесува на Христовото крштевање во реката Јордан од страна на свети Јован Крстител. Но, она што е интересно, вели таа, е улогата и разбирањето меѓу народот за кумството. Каква улога има кумот, како настанале народните преданија, зошто кумот ја има главната улога во едни семејни односи?
- Со оглед на тоа што крштевајќи го, Јован му станал „кум“ на Исус, според народното сфаќање, тој е заштитник на кумството, онака како што свети Илија е громовник или свети Петар - чувар на портите на рајот. Најважни обреди од аспект на фолклорот се формирањето „кумпании“ - мажи кои се групираат по маала или по семејства. Сите членови се сметаат за роднини, а ваквото „кумство“ се нарекува светијованово. Тоа не е само симболично, туку има и практична улога, да го одржува принципот на егзогамија - забрана за склучување брак меѓу членови на иста заедница, во случајов на припадници на семејствата кои учествуваат во иста „кумпанија“ - објаснува професорката Јакимовска за народното верување врзано за овој празник.
Водата од Водици се чувала и се користела за лекување
Професорката посочува дека во сите овие народни обичаи има прецизно дефинирани улоги, на пример, главниот кум го чува крстот една година, од едни до други Водици, а менувањето на кумството се врши според строго установен ред, најчесто по старост.
- Во некои делови од Македонија кумството се откупувало со наддавање. Во поголемите села можело да има и повеќе куќи што го чувале крстот. Водата во која бил фрлан крстот се чувала преку целата година за лекување, а оној што ќе го фател се сметал за касметлија целата следна година. Иако поретко застапени, постојат и женски групи - водичарки, составени од непарен број девојчиња и девојки кои го обиколуваат селото и ги пеат водичарските песни. Во 2019 обредот „Водичарки“ од село Беранци, Општина Могила, беше прогласен за нематеријално културно наследство од особено значење - вели етнологот Јакимовска.