X
 06.11.2016 Култура

Во Стара Атина, колевката на демократијата, владееле и некои бизарни обичаи


Во Стара Атина е востановено првото демократско уредување како нова форма на управување со државата. Сепак, овој облик на „владеење на народот“ во голема мера се разликува од денешните кои се присутни во модерниот свет.

Поредокот во Стара Атина

Античкото поимање на демократијата гледано од перспектива на современите државни управи, изгеда неверојатно чудно и одвај да може да се препознае како демократско.
Овие се некои од најневеројатните елементи на ова политичко уредување во време на неговото раѓање.

Водачите се бирале по случаен избор

Атинската влада ја водел Совет од 500 членови, во историјата познат како Буле. Ова политичко тело имало надлежност да ја води државната политика, да одлучува кои закони ќе се гласаат, но и за секојдневните државни активности, воопшто.

Сепак, Грците не ги бирале директно своите претставници во Советот. Тие се избирале со жрепка, односно со извлекување на сламки. Секое од десетте грчки племиња давало по 50 свои претставници. Челникот на Советот исто така се избирал по случаен избор и бил задолжен за финансиите, доверливите документи и чувањето на државниот печат.

Грците верувале дека овој начин на избор има одредени предности кои ја зацврстуваат демократијата. Случајниот избор на членовите на Советот обезбедувал непристрасни членови, подготвени без личен интерес да работаат за државата.

Гласањето за кандидатите би претставувал избор на моќниците, кои заради своето богатство или влијание би добиле можност да се кандидираат.

Секој граѓанин можел јавно да го изнесе својот политички став

Советот не носел одлуки самостојно. Граѓаните биле повикувани на секои десет дена во големиот амфитеатар во близината на Акропол, каде се дебатирало за секоја државна одлука. Се гласало за работи во врска со организација на фестивали, надворешна политика, трговија и воени походи. Секој имал можност да се обрати на собранието. Сепак, постоеле и непишани правила: доколку пекар се јавел да говори за изградба на бродови, ризикувал да биде јавно посрамотен или исфрлен од собирот.

Иако сите биле повикувани, одзивот никогаш не бил стопроцентен. Од вкупно 40.000 политички активни граѓани, на собирите вообичаено доаѓале пет-шест илјади.

Не секој Атињанин имал статус на граѓанин

Околу 20 проценти од Атињаните биле политички активни. Стара Атина била робовладетелско општество, а повеќе од половината од популацијата биле робови или странци. Од преостанатите 100.000 жители, имало и малолетни, па бројот на граѓани со политички кредибилитет изнесувал 40.000.

Сепак, во поединечни околности, сите граѓани на Атина имале право да го изнесат своето мислење независно од нивниот статус. За тоа постојат малку пишани траги. Најголем број одлуки се донесувале од страна на „слободните“ луѓе, пишува порталот Листверсе.

Гласањето не било секогаш доброволно

На почетокот одзивот бил добар, но со време интересот опаднал, и многмина престанале да се појавуваат на собирите. Но, Грците не сакале „слободните“ граѓани да остануваат дома кога се носеле важни државни одлуки. Најпрво вовеле паричен надоместок за членовите на собранието, но кога ни тоа немало ефект, пристапиле кон методите на принуда.

За време на заседанието, пазарите се затворале, а сите патишта кои не воделе кон Акрополот  биле блокирани. Потоа робовите носејќи свежо обоени јажиња, ги гонеле граѓаните кон собирот. Оние што биле измачкани со боја, биле казнувани за политичка пасивност.

Пресудите ги носеле големите пороти

Поротата ја сочинувале 500 еднакви. За секој прекршок што се казнувал со казна повисока од 50 драхми, задолжително ја изрекувала поротата. Поситните престапи ги пресудувале пониско рангираните службеници.

Политичките судења секогаш се одвивале во присуство на поротата. Многу видни Атињани, биле актери на овие процеси, а еден од најпознатите бил Сократ, кој бил осуден на смрт.

Даноци плаќале само најбогатите

Грците не биле наклонети кон плаќање даноци. Во нормални услови, граѓаните не давале пари за државата. Главен извор на приходи била царината, а оданочувани биле само странците и најбогатите. На почеток, државниот буџет бил сервисиран од страна на 1200 најбогати луѓе, за подоцна нивниот број да се сведе на 300.  За многу од нив претставувало чест да се финансира својата држава, а некои тоа го правеле заради престиж и општествен углед.

Прогонства

Еднаш годишно Атињаните имале право некој од своите сограѓани да го испратат во прогонство. Најпрво се гласало за тоа дали воопшто треба некој да биде истеран. Доколку бројот на позитивни гласови бил поголем, секој добивал парче керамика за да го запише името на прогонетиот. Доколку истото име било запишано на повеќе од 6.000 плочки, лицето било испраќано во прогонство што траело 10 години.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура